Изгледот на домашниот печен леб кажува дека има крцкава кора, а е мек како душа од внатре! Тоа ни го пренесе Лидија, која го направи овој вкусен домашен леб во тенџере.
Она што е интересно е начинот на печење на лепчето. Наместо тава, се користи тенџере со капак. Најпрво тенџерето се загрева и лепчето се пече со капак. А потоа за да добие убава крцкава кора, капакот се вади. Постапката низ слики, може да ја погледнете на блогот Slatki Tajni.

Состојки:
- 25 грама свеж квасец
- 300 мл вода
- 300 мл млеко
- 1 лажица мед
- 1 ½ лажичка сол
- 850 грама брашно.
Подготовка:
- Во сад за месење издробете го квасецот. Потоа во садот додајте ги млакото млеко и водата, и добро измешајте ги за да се растопи квасецот.
- Во садот додајте ги медот, солта и брашното. Измешајте го тестото со миксер. Треба да добиете потечно тесто, па затоа немојте да додавате брашно.
- Тестото оставете го да нарасне за време од 1 час.
- Работната површина посипете ја со поголема количина на брашно. Нараснатото тесто ставете го врз работната маса и формирајте топка.
- Земете една кујнска крпа и наросете ја со поголема количина на брашно. Топката ставете ја во крпата и добро завиткајте го тестото. Оставете го да нарасне уште 30 минути.
- Додека лебот нараснува, приклучете ја рерната да се загрева на температура од 250 степени. Во рерната ставете го тенџерето во кое ќе се пече лепчето.
- Штом лепчето нараснало, извадете го тенџерето од рерната и поросете го со малку брашно на дното.
- Лепчето внимателно ставете го во тенџерето. Тенџерето поклопете го со капак и ставете го да се печи малку пониско во рерната, за време од 25 минути. Потоа, намалете ја температурата на 225 степени и извадете го капакот. Продолжете со печењето уште 20 минути.
- Лепчето извадете го од рерната и оставете го кратко да се излади. Потоа, исечете го на парчиња и послужете го. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашен интегрален леб со четири семиња.