Домашни лепчиња за сендвич

Домашни лепчиња за сендвич

Нема некој што не обожава вкусен сендвич. Сега благодарение на Лидија имаме супер рецепт за домашни лепчиња за сендвич меки како душа. Лесно се прават, а уште полесно се јадат.

А еве наш предлог за домашни сендвичи. Направете ги лепчињата, наполнете го со свежа салата и домашно подготвена плескавица по можност од тиквичка или некој друг сезонски зеленчук и ќе добиете супер лесен и здрав оброк. Совршено за летните денови! Пробајте ги вегетаријанските ќофтиња со праз, компири и тиквичка кои се совршен избор за здрав и вкусен домашен сендвич.

лепчиња за сендвичи

Состојки:

  • 100 г путер или маргарин
  • 300 мл млеко
  • 200 мл ладна вода
  • 50 г квасец
  • 1 ½ лажичка сол
  • 2 јајца
  • 1 лажица мед
  • 850-900 г брашно.

Подготовка:

  1. Најпрво квасецот издробете го во длабок сад.
  2. Во загреана тава на оган растопете го путерот, а потоа додајте ги водата и млекото.
  3. Млаката течноста од путер, вода и млеко додајте ја во садот со квасецот и убаво измешајте.
  4. Во садот додајте ги солта, јајцата и медот. Повторно добро промешајте додека сите состојки се соединат.
  5. Со постојано мешање додавајте го брашното. Треба да добиете меко тесто.
  6. Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 30 минути.
  7. Работната површина посипете ја со малку брашно. Извадете го тестото од садот и поделете го на 18 дела.
  8. Од секој дел формирајте мали долгнавести лепчиња и наредете ги на плех обложен со хартија за печење.
  9. Со помош на нож секое лепче пресечете го 3 пати.
  10. Обликуваните лепчиња оставете ги да нараснат уште половина час. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 225 степени околу 7-10 минути. Домашните лепчиња за сендвич оставете ги кратко да се изладат, па послужете ги.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Вкусно домашно лепче без месење.

Сподели: