Светски популарниот чизкејк, станува омилен и кај нас. Ние го обожаваме и често го подготвуваме, бидејќи се прави брзо и лесно. Иако подготовката на чизкејк бара одредена умешност, сепак ќе се снајдат и оние со помало искуство во кујната, со помош на нашиот едноставен и испробан рецепт за чизкејк торта. Следете ги нашите совети и во овие топли пролетни денови засладете се со вкусна чизкејк торта.
Чизкејк тортата претставува иделен десерт за било која пригода, а особено за некои специјални прилики кога сакате да ги изненадите своите драги со неодолив вкус кој освојува. Овој десерт покрај што има нежен и совршен вкус, исто така е и многу декоративен. Претставува и совршен поклон за вашите сакани личности. Доколку на некој ваш близок пријател му се ближи роденден, ова е одличен поклон со кој сигурно пријатно ќе го изненадите. Без печење и комплицирани состојки до супер вкусен десерт!
Состојки:
- 125 г путер или маргарин
- 100 г шеќер во прав
- 300 г мелени бисквити
- 120 мл сок од портокал (може да користите свежо цеден или готов по вкус).
За фил:
- 400 г крем сирење
- 150 г шеќер во прав
- 500 мл слатка павлака
- 180 г павлака со 20% млечна маст
- 1 ќесичка желатин
- 50 мл вода.
За прелив:
- 300 г мешано овошје (јагоди, боровинки, вишни, аронија)
- 400 мл вода
- 100 г шеќер
- 1 ќесичка желатин.
Подготовка:
- Најпрво подгответе ја подлогата, односно кората за чизкејк. Во длабок сад изматете ги путерот и шеќерот во прав.
- Откако добро ќе ги изматите, додајте ги мелените бисквити. На крај додајте го сокот од портокал и продолжете со мешање додека смесата се соедини.
- Вака подготвената смеса префрлете ја во калап за чизкејк и рамномерно распоредете го притискајќи го со прсти или лажица така што ќе се формира кора.
- Подготвената кора ставете ја во фрижидер за добро да се стегне, а во меѓувреме подгответе го филот.
- Најпрво желатинот прелијте го со 50 мл ладна вода и оставете го да набабри.
- Во длабок сад за матење измешајте ги крем сирењето и шеќерот во прав. Мешајте со нежни движења на раката и не користете миксер, бидејќи сирењето ќе се растопи и нема да ја има посакуваната густина.
- Слатката павлака изматете ја во посебен сад, па додајте ја во крем сирењето и повторно со нежно мешање соединете ги сите состојки.
- На крај додајте ја и павлаката и повторно се нежно промешајте.
- Набабрениот желатин загрејте го неколку секунди во микробранова печка или на шпорет. Растопениот желатин додајте го во преостанатиот фил и измешајте.
- Врз бисквитната подлога нанесете го филот. Калапот ставете го во фрижидер за се добро да се стегни тортата, најмалку 3 часа.
- Во мал сад ставете го желатинот и додајте 100 мл ладна вода. Измешајте го и оставете го да набабри.
- Во тенџере на оган ставете ги овошјето, шеќерот и преостанатата вода. Овошјето варете го 3 до 5 минути, а потоа тргнете го од оган и додајте го желатинот. Измешајте за да се растопи желатинот и оставете го преливот да се излади кратко околу 5 до 10 минути. Со помош на голема лажица преливот внимателно ставете го во калапот. Тортата вратете ја во фрижидер и оставете ја да се лади уште 3 до 4 часа. На здравје!
Наша препорака:
Чизкејк тортата може да ја направите со чоколадни бисквити. Така ќе добиете супер вкус на чоколадо, кремаста ванила и ароматично овошје.
Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадна чизкејк торта.