чоколадни бомбици со кокос 1

Енергетски чоколадни бомбици со кокос и овес без шеќер

Не постои таков човек кој не ужива во слатките вкусови, а многумина од нас внимаваат на телесната тежина! Така, кога сакате да се засладите без да чувствувате „грижа на совест“, побарајте го овој рецепт кој го креиравме во нашата кујна. Исклучително вкусни, полни со хранливи состојки и многу лесни за подготовка. Без двоумење ви препорачуваме да ги пробате енергетските чоколадни бомбици со кокос и овес!

Овие чоколадни бомбици со кокос ги препорачуваме за сите кои вежбаат, водат здрав живот и грижа за својата линија. Сигурно ќе ве интересира и нутритивната анализа. Направивме 14 колачиња, богати со протеини, здрави масти и растителни влакна. Ако изедете една енергетска бомбица ќе внесете 57 калории (10 пати помалку од бројот на калории кои ги содржи 100 грама млечно чоколадо), 7 грама јаглени хидрати, 2 грама масти, 3 грама протеини и 2 грама растителни влакна.

чоколадни бомбици со кокос 2

Состојки:

  • 1/4 чаша органско какао
  • 1/3 чаша темно чоколадо (без шеќер)
  • 1 јајце
  • 1/3 чаша вода
  • 4 таблети стевиа (3-4 лажички стевиа во прав) или по вкус
  • 1 чаша овесни снегулки
  • 1/3 чаша кокос.

Подготовка:

  1. Во сад за матење, со помош на жица за матење убаво изматете го јајцето до густа пена.
  2. Настрана измешајте ги какаото и темното чоколадо, додајте ги во садот со јајцето и повторно измешајте.
  3. Доколку користите стевиа во таблети, во мал сад на оган ставете ја водата. Потоа додајте ја стевијата и оставете водата кратко да се загрее. Штом стевијата се раствори, водата додајте ја во садот со другите состојки.
  4. На крај, додајте ги и овесот и кокосот, па измесете ја смесата со раце за убаво да се изедначи.
  5. Од смесата формирајте топчиња. За најлесно да ги формирате топчињата, од смесата направете форма на ролат со ширина и висина од околу 2 см, па сечете ја на ширина од околу 1 см. Од секое парче формирајте бомбица. Од оваа доза ние добивме 14 бомбици.
  6. Бомбиците наредете ги во мала тава која претходно сте ја обложиле со хартија за печење.
  7. Печете ги во загреана рерна на 180 степени, за време од 8 минути. По желба, декорирајте со какао или кокос. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: 4 идеи за здрав летен појадок.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: