Ние ги обожаваме сезонските рецепти, а сега пазарите изобилуваат со карфиол. Време е да набавите едно големо парче од овој здрав и вкусен зеленчук и да направите превкусен ручек за целото семејство. Ова е едно од оние јадења кои имаат потенцијал да станат ваши омилени. Па, нека во вашиот дом мириса на запечен карфиол со јајца, павлака и кашкавал.
Секој залак од ова јадење е неповторливо искуство за сите ваши сетила. Мек, вкусен и совршен. Покрај тоа ова јадење е и многу здраво, а и прилично евтино, па за малку пари ќе му направите вкусен и хранлив оброк на целото ваше семејство. А, приготвен на овој начин карфиолот ќе им се допадне на сите, дури и на оние на кои не им е баш најомилен. Па, уште во прва прилика подгответе си запечен карфиол за вас и за вашето семејство.

Состојки:
- 1.2 кг карфиол
- 2 л вода
- 4 јајца
- 100 мл млеко
- 1 лажица мајонез
- 2 лажици павлака
- 150 г кашкавал
- сол по вкус
- мелен црн пипер по вкус
- 1 лажица мешан сув зачин
- масло по потреба
- магдонос по желба.
Подготовка:
- Најпрво карфиолот добро измијте го и поделете го на цветови.
- Во сад на оган ставете 2 л вода и ставете го карфиолот да се вари околу 5 минути. Варениот карфиол префрлете го во сад со ладна вода за да се спречи процесот на варење. Потоа процедете го карфиолот од водата.
- Садот за печење премачкајте го со малку масло, па распоредете ги цветовите карфиол на дното од садот. Посипете со сол, мешаниот сув зачин и мелен црн пипер.
- Вака подготвениот карфиол печете го во претходно загреана рерна на 200 степени околу 10 минути.
- Во меѓувреме изматете ги јајцата со павлаката, мајонезот и млекото. Смесата зачинете ја со сол и мешан сув зачин.
- Со смесата од јајца прелијте го печениот карфиол, па вратете го да се пече уште дополнителни 10 минути. Покачете ја температурата на рерната на 220 степени.
- Готовиот карфиол поросете го со рендан кашкавал и ситно сечкан магдонос и послужете го додека е топол. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Вегетаријански ќофтиња со спанаќ и сирење.