Како дел од настанот „Здрави навики за здрав срцев ритам“ кој беше одржан на 27.03.2017 година, во организација на Сѐ за храна, беа приготвени овие здрави бомбици со темно чоколадо и овесни снегулки.
Рецептот беше промовиран и во утринската емисија на Сител ТВ, каде што беше најавен и настанот. Бомбиците се направени од состојки кои се препорачуваат за заштита на здравјето на срцето, а особено ќе ги издвоиме лешниците, овесот, темното чоколадо и портокалот. Сите кои беа присутни на настанот имаа можност да ги дегустираат, па сега го споделуваме рецептот и со останатите.
Состојки:
- 1 лажица мед
- 100 грама лешници
- 100 – 200 грама мелени овесни снегулки
- 1 мала лажичка екстракт рум
- 1 мала лажичка екстракт од ванила
- 1 лажица путер по желба
- 1 кора од портокал
- свеж сок од 1 портокал
- 100 грама рендано темно чоколадо со 75% какао.
Подготовка:
- Лешниците потпечете ги во рерна. Постапката за најлесно да ја отстраните кафеавата кора и да ги потпечете лешниците за колачи, прочитајте ја тука.
- Потпечените лешници излупете ги и сомелете ги. По желба, лешниците може да ги истолчите на покрупни парчиња.
- Овесните снегулки ставете ги во блендер. Миксирајте ги околу 1 минута или помалку. Потоа, ставете ги во длабок сад.
- Чоколадото изрендајте го на крупната страна од рендето.
- Кората од портокалот изрендајте ја на ситната страна од рендето. Потоа, портокалот исцедете го.
- Во сад на оган ставете го медот да се загрее. Потоа, садот тргнете го од огнот. Во садот додајте го сокот од портокалот и кората. Измешајте убаво.
- Додајте ги мелените лешници, мелените овесни снегулки, румот, ванилата, путерот и ренданото чоколадо. Убаво измешајте за да добиете хомогена смеса. По потреба додајте мелени овесни снегулки.
- Од смесата формирајте бомбици. Бомбиците валкајте ги во какао. Послужете ги како здрава ужина. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Здрави бомбици со тиква, овес и мак без шеќер.