Здрави бомбици со тиква, овес и мак без шеќер

Постојано се трудиме да креираме нови и здрави рецепти за десерти, кои многу ги обожаваме. Токму во една прилика кога на гости ни се најавија мали пријателчиња кои обожаваат благо, решивме да направиме нешто здрави и да ги почестиме. Така се роди идејата за овој рецепт за здрави бомбици со тиква, овес и мак кои се прават без шеќер.

Она што е најважно е да имате на располагање варена тиква, а потоа само помалку од половина час ќе имате здрав десерт послужен во чинијата. Од наведената количина излегуваат поголем број на бомбици, па по желба може да ги намалите состојките или да ги замрзнете тие што ќе ви останат.

бомбици со тиква и овес

Состојки:

  • 2 ½ чаши пире од варена тиква
  • 2 лажици мак
  • 4 чаши овесни снегулки
  • цимет по вкус
  • 1 лажица чоколадно какао
  • 1 лажица сусам
  • 200 грама пресувани урми.

Подготовка:

  1. Урмите ставете ги во мал сад со топла вода. Оставете ги да стојат за време од околу 10 до 15 минути.
  2. Потоа урмите исечкајте ги.
  3. Во длабок сад ставете го пирето од тиква, додајте ги макот, цимет по вкус, чоколадното какао, сусамот и сечканите урми. Состојките убаво измешајте ги. По потреба во додавајте ги овесните снегулки за да се добие средно мека смеса за колачи. Количината на овесни снегулки може да се менува во зависност од влажноста на пирето од тиква.
  4. Од смесата формирајте бомбици со големина на орев и редете го во тава обложена со хартија за печење.
  5. Бомбиците ставете ги во загреана рерна на 180 степени да се печат за време од 10 до 15 минути. Потоа, извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат. Здравите бомбици со тиква, овес и мак послужете ги и уживајте во слатката ужина.

Ви предлагаме да прочитате: Здрави бомбици со јаболка и цимет без шеќер.

Сподели: