Лидија овој пат ни приготви здраво лепче без глутен со семиња. Кој би поверувал дека за 20-тина минути може да направите нешто многу здраво и вкусно? Благодарение на овој рецепт, сега сите ќе може да уживаме во вкусот на домашното лепче без глутен.
Овој рецепт е особено корисен за лица кои имаат интолеранција на глутен, а гледајќи по состојките кои се користат, сигурно ќе посака да го проба секој. Повеќе рецепти од Лидија, може да најдете на нејзиниот блог Slatki Tajni.

Состојки:
- 4 поголеми или 5 помали јајца
- ½ мала лажичка сол
- 150 мл неутрална или кисела павлака
- 500 грама семиња по желба (ленено семе, сусам, сончоглед, семе од тиква, суво грозје, сечкани кајсии итн…)
- зачини по желба.
Подготовка:
- Во длабок сад за матење се ставаат јајцата. Се матат убаво со виљушка, а потоа во садот се додаваат солта и павлаката. Се меша со виљушка за да се добие хомогена смеса.
- Во друг сад се ставаат сите семиња. Се мешаат, а потоа се додаваат во садот со јајцата. Смесата за лепчето се меша и се става во плех обложен со хартија за печење.
- Тавата се става во загреана рерна на 250 степени и се пече за време од 10 до 15 минути.
- Печеното лепче се вади од тавата и додека е топло се сечи на поголеми коцки. Се остава да се излади и се служи. Готовото лепче без глутен може да се замрзнува и да се користи по потреба. На здравје!
Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.
Ви предлагаме да прочитате: Домашен безглутенски протеински леб со низок гликемиски индекс.