Започнуваме со божиќните и новогодишните рецепти! Сите во овој период бараме убави рецепти, декоративни со кои ќе и дадеме на трпезата празничен сјај. А кога станува збор за идеи, нашите драги автори се тука да го споделат нивното искуство и да ни бидат мотивација за убави и весели празници. Овој пат го споделуваме рецептот за карамелизирани јаболка.
Лидија ни кажа дека овие јаболка ги прави за секој Божиќ, а комбинацијата од кисело и благо е превкусна. Во оваа прилика го споделуваме рецептот за карамизирани јаболка со помека глазура, а на блогот Slatki Tajni, може да го погледнете и вториот рецепт на Лидија, кој има поцврста глазура и се прави со гликозен сируп.

Состојки:
- 6-8 помали јаболка
- 6-8 дрвени стапчиња
- 200 мл вода
- 300 грама шеќер
- 1 лажица мед
- кокос, сечкани бадеми, лешници по желба.
Подготовка:
- Јаболката се мијат убаво и се бришат со хартија. Во секое јаболко се става дрвено стапче. Притоа, важно е стапчето да го поставите во внатрешноста на јаболкото.
- Во мало тенџере на оган ставете ја водата, шеќерот и медот. Мешајте додека се згусти глазурата. Температурата на глазурата треба да биде 145 степени.
- Јаболката се ставаат во глазурата, така што треба целосно да се прекријат со течноста. Потоа се валкаат во кокос или сечкани јаткасти плодови и се редат врз хартија за печење, претходно премачкана со малку масло. Изладените карамелизирани јаболка со мед ставете ги во чинија и послужете ги. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Новогодишни ѕвезди со лешници и цимет.