Лажен омлет со брокула

Креативната Катерина повторно нѐ изненадува со нешто интересно и вкусно! Станува збор за лажен омлет со брокула. Сигурно ќе се запрашате зошто баш лажен?

Наместо јајца, за подготовка на овој „омлет“ се користи брашно од наут. А тоа е супер предлог за лицата кои имаат алергија на јајца.

лажен омлет со брокула

Состојки:

  • 100 г брашно од наут
  • 200 мл млака вода
  • 70 г брокула
  • 2 млади кромитчиња (само белиот дел)
  • 2 лажици маслиново масло
  • 1 лажица пармезан
  • по потреба сол и мелен црн пипер.

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете го просеаното брашно, водата и 1 лажица маслиново масло.
  2. Мешајте со жица додека добиете убава смеса без грутчиња.
  3. Покријте го садот со најлонска фолија и оставете да отстои 1 час на собна температура.
  4. Во меѓувреме исечете ја брокулата на помали цветчиња и ставете ја да се вари во зовриена солена вода. Варете ја 7 минути. Извадете ја од водата и убаво исцедете ја.
  5. Кромидот ситно исечкајте го.
  6. Во садот со брашното од наут, додајте ги брокулата, кромидот и пармезанот.
  7. Посолете, наросете мелен црн пипер и убаво измешајте со лажица.
  8. Во нелеплива тава ставете 1 полна лажица маслиново масло да се загрее.
  9. Во тавата додајте ја смесата и пржете на тивок оган по 10 минути од двете страни.
  10. Кога ќе се испржи од едната страна, поклопете ја тавата со чинија која е со помал дијаметар од тавата и превртете.
  11. Вратете го омлетот во тавата за да се испржи и од другата страна.
  12. Топлиот „омлет“ со брокула послужете со сирење, домати или некоја друга свежа салата. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Пита омлет со брашно од наут и тиквичка.

Сподели: