Меки турски погачици со путер 1

Меки турски погачици со путер

Денес ве водиме на попладневен чај во Турција послужен со турски погачици со путер, меки како душа. Лидија е позната по своите интернационални рецепти кои несебичноги споделува на својот блог „Слатки Тајни“. A ние, ги обожаваме, затоа што ни го доловуваат вкусот на некои егзотични земји. Овој пат е ред да ја дегустираме прекрасната турска кујна.

Овие турски погачици се совршени за попладневни чајанки со вашите пријатели, баш како што ги јадат и во Турција. Но, може да ги понесите со себе и на излет, на плажа или планина. А, совршени се и за појадок со овошен џем или слатко.

Меки турски погачици со путер 2

Состојки:
За тесто
:

  • 800 – 1000 г брашно
  • 200 мл масло
  • 2 лажици мед или шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 200 мл јогурт
  • 1 белка
  • 25 г квасец
  • 400 мл топла вода.

За фил:

  • путер растопен на собна температура
  • 1 жолчка и 1 јајце за премачкување
  • сусам за поросување.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете ги топлата вода и квасецот. Добро промешајте за да се растопи квасецот.
  2. Додајте ги и медот, солта, јогуртот, маслото, белката и брашното. Сите состојки промешајте ги со лажица, а потоа со миксер, додека добиете убаво меко и малку лепливо тесто.
  3. Вака замесеното тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 1 час.
  4. Откако тестото ќе нарасне, префрлете го на набрашнета работна површина и премесете го. Доколку тестото е лепливо, додајте уште малку брашно по потреба.
  5. Потоа, поделете го тестото на мали топчиња со големина на јајце. Од секое топче расукајте округла кора и премачкајте ја со растопен путер.
  6. Секоја кора завиткајте ја како ролат и подврзете ја на крајот како врвка.
  7. Готовите погачици наредете ги врз плех за печење кој претходно сте го обложиле со хартија за печење. За да ја испечете оваа доза ќе ви бидат потребни 2 плеха.
  8. Секоја погачица премачкајте ја со мешавина од жолчка и јајце и поросете ја со сусам.
  9. Потоа, оставете ги да нараснат уште 30 минути и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Мини погачици со кашкавал и сланина.

Сподели: