Кога имаме набавено квалитетни состојки во домот, воопшто не е тешко да се смисли креативен рецепт. Инспирацијата за оваа овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек, беше една наша млада гостинка која обожава здраво да се храни и внимава на својата линија и здравје. Во оваа проја нема масло, ниту млеко, а неодоливо е вкусна!
Може да ја јади секој кој практикува безглутенска или безлактозна исхрана. Одлична е за појадок со чаша јогурт, било да е дома или на работа. Топло препорачуваме да ја пробате!

Босилекот го имаме дома во саксија и станува збор за онаа добро позната сорта на италијански босилек кој се користи за правење на песто или во пица маргарита. Доколку и вие имате дома е одлично, а во случај да немате, може да го набавите од поголемите маркети.
За печење, најпогодно е да користите тава со големина бр. 30. Така ќе постигнете оптимална висина и добра текстура на пројата. Секогаш кога правите проја или солена торта од овесно брашно, треба да имате предвид дека крајниот ефект е повлажна текстура споредено со бело или пченкарно брашно и тоа е нормално и карактеристично. Така, секогаш кога ќе каснете ќе почувствувате сочност, а подолу ќе може да ги прочитате деталите за печењето.
Состојки:
- 4 поголеми или 5 мали јајца
- 8-10 листови свеж босилек
- 3 чаши овесни снегулки
- 1 кесичка прашок за печиво
- 4 полни лажици лупен сончоглед
- 2 полни лажици ленено семе
- 1 лажица чиа семе
- 1 рамно лажиче хималајска сол
- 2 чаши изварка
- 1 чаша минерална вода (по желба може да употребите јогурт)
- сусам за поросување и декорација.
Подготовка:
- Започнете со припрема на состојките. Во блендер ставете ги овесните снегулки, сончогледот и лененото семе. Добро иситнете ги состојките, така што ќе ги претворите во брашно, а потоа ставете ги во друг сад. Додајте ги чиа семето, солта и печивото, па измешајте со лажица за добро да се соедини смесата.
- Јајцата изматете ги додека се згуснат, односно матете ги со миксер додека почнат убаво да се познаваат трагите од маталките.
- Ливчињата свеж босилек измијте ги и ситно исечкајте ги, па додадете ги во садот со јајцата. Промешајте со лажица. Додајте ја минералната вода, па изварката и повторно измешајте со лажицата.
- На крај, додајте ги претходно измешаните суви состојки во садот со јајцата. Додавајте постепено, со повремено промешување со лажицата.
- Припремете ја тавата, така што ќе ја обложите со хартија за печење. Турете ја смесата во тавата и со помош на лажицата распорете ја рамномерно. Потоа одозгора поросете сусам по потреба. Дава убав изглед, а и повкусно е.
- При печењето треба да следите колку време е потребно зависно од рерната. Обично просекот на време за печење е 35-40 минути, со тоа што првите 15-тина минути печете во веќе загреана рерна на 200 степени, а потоа ја намалувате температурата да биде околу 150 степени, за добро да се испечи внатрешноста, а да не гори горната површина. Оставете да се излади, а потоа сечете и сервирајте. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Здрава проја со семиња – без глутен.