лепчиња со афион

Печени домашни лепчиња со афион

За сите љубители на домашни и вкусни лепчиња имаме нов одличен рецепт. Пробајте ги печените домашни лепчиња со афион! Нашата пријателка Лидија е експерт кога станува збор за необични лепчиња и досега со вас споделивме многу нејзини рецепти.

Топол леб со крцкава коричка, парче сирење и домат, за нас е совршена комбинација за добар почеток на денот. А, сега благодарение на овој рецепт секој може да си подготви домашно лепче и да им се радува на појадоците. И што е најважно, не мора да бидете експерти за да го подготвите, сѐ што ви е потребно е малку време, брашно и желба за домашно и вкусно. Од оваа доза ќе добиете 2 лепчиња, но секако состојките може да ги прилагодите според вашите потреби.

лепче со афион

Состојки:

  • 25 г квасец
  • 500 мл млака вода
  • 25 г путер на собна температура
  • 1 лажичка мед или шеќер
  • 2 лажички сол
  • 900 г брашно
  • афион за наросување
  • 1 јајце.

Подготовка:

  1. Во сад за месење раздробете го квасецот и додајте ја топлата вода. Мешајте додека квасецот се растопи. Потоа, додајте ги путерот, медот, солта и брашното. Сите состојки измешајте ги со миксер за време од неколку минути додека добиете меко тесто.
  2. Вака подготвеното тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 1 час.
  3. Нараснатото тесто поделете го на 2 дела од кои ќе формирате две долгнавести лепчиња. Оформените лепчиња ставете ги во калап за леб обложен со хартија за печење. Калапите прекријте ги со крпа и оставете ги лепчињата да нараснат уште 30 минути.
  4. Откако лепчињата ќе нараснат по втор пат, премачкајте ги со матено јајце и поросете ги со афион. Потоа, засечете ги со нож на неколку места и печете ги во загреана рерна на 250 степени околу 15 минути. Потоа, намалете ја температурата на 200 степени и продолжете со печењето уште 15-20 минути. Лебот печете го на најниското ниво на рерната.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com

Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за домашен леб.

Сподели: