печени млади компири

Печени млади компири со лук

На блогот Слатки Тајни на нашата пријателка Лидија, наидовме на мошне интересна идеја за гарнир со печени млади компири со лук. Совршено одговараат во комбинација со месо, но може да послужат и како самостоен оброк. Зошто да не? Летните денови се створени за полесни оброци, па надополнети со некоја свежа салата овие мали компирчиња би биле вистински погодок. А, за оние кои сепак сакаат покалорична варијанта, вака потпечените млади компири се совршен прилог за свинско, телешко или пилешко месо.

Сигурни сме дека ќе ги обожаваат и вашите деца, а вака подготвени компирите се многу поздрави и похранливи од класичните пржени компирчиња. Па, наредниот пат наместо со часови да пржите, пробајте го овој начин на подготовка. Ем ќе заштедите време, ем на вашето семејство ќе му понудите многу поздрав оброк.

печени млади компири

Состојки:

  • 1 кг млади мали компири
  • 25 г путер
  • 2 чешњина лук
  • свеж магдонос по вкус
  • сол и мелен црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво младите компири темелно измијте ги, бидејќи за подготовката на овој рецепт тие не треба да се лупат.
  2. Добро измиените компири наредете ги на плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење.
  3. На оган ставете тава да се загрее. Во загреаната тава додајте го путерот и мешајте додека се растопи. Потоа додајте ги ренданиот лук, сечканиот магдонос, солта и црниот пипер.
  4. Со вака подготвениот путер прелијте ги младите компири и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна со вентилатор на 200 степени додека омекнат.
  5. Топлите печени млади компири послужете ги веднаш. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Печени компири на шведски начин.

Сподели: