Пилешко во вок тава 1

Пилешко во вок тава

Уште еден брз и лесен рецепт! Наш денешен предлог за ручек е пилешко во вок тава, гарантирано вкусно како и сите рецепти на Лидија. Совршено за сите домаќинки што не сакаат да поминуваат цел ден во кујна, а сакаат семејството да им се храни здраво и домашно.

Зеленчукот може да го замените со друг по желба, а ние ви гарантираме дека во секој случај ќе имате вистински специјалитет на вашата трпеза. На овој начин може да ги натерате децата да јадат повеќе зеленчук без притоа да се бунат дека не им се допаѓа.

Пилешко во вок тава 2

Состојки:

  • 500 г пилешко филе
  • 250-300 г кинески нудли (за замена може и шпагети)
  • 1 брокула
  • ½ свежа зелка
  • 1-2 црвени пиперки
  • свеж ѓумбир по желба
  • 1 црвен кромид
  • благ чили сос по желба
  • соја сос по желба
  • малку масло по потреба

Подготовка:

  1. Пилешкото месо исечете го на коцки.
  2. Зеленчукот темелно измијте го, па исто така исечете го на коцки.
  3. Во вок тавата ставете малку масло и откако убаво ќе се загрее, ставете го прво претходно исеченото месо, и малку пропржете го. Притоа постојано мешајте. Штом завршите со подготовката на месото, преместете го во друга чинија.
  4. Во празната вок тава ставете пак малку масло и додајте го претходно исечениот зеленчук. При запржувањето постојано мешајте. За неколку минути ќе биде готов.
  5. Нудлите сварете ги во малку солена вода.
  6. Откако нудлите ќе омекнат, исцедете ги.
  7. Потоа додајте ги во вок тавата со пржениот зеленчук и заедно пржете ги уште неколку минути.
  8. На крај додајте ги и претходно припремените парчиња пржено месо. Зачинете со малку сол, чили и соја сос, па добро измешајте.
  9. Пилешкото со зеленчук и нудли послужете го додека е топло. На здравје!

Совет плус: Доколку не сте обожаватели на чили и соја сос, во замена може да додадете кари по ваша желба.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Печени пилешки гради во бел сос.

Сподели: