posna pletenka 1

Посна плетенка со фил од јаболка

Никогаш доста од посни рецепти! Секогаш се добредојдени за време на пости, кога изборот на храна ни е малку ограничен. Особено им се радуваме на благите десерти со сезонско овошје кои се посни, вкусни и здрави. А, нашата пријателка Лидија е експерт за сезонски десерти. Денес, од нејзината кујна ни доаѓа еден прекрасен рецепт за посна плетенка со фил од јаболка.

Оваа плетенка покрај тоа што плени со својот вкус на јаболка и лешници, воодушевува и со својот изглед. Иако, на прв поглед постапката за нејзина подготовка изгледа комплицирано, тоа воопшто не е така. Пробајте да ја направите уште денес и уверете се. Вашите најблиски сигурно ќе се изненадат од вашите кулинарски вештини.

posna pletenka 2

Состојки:

За тесто:

  • 25 г свеж квасец
  • 250 мл вода
  • 2 лажички мелен кардамон
  • 50 г шеќер
  • 2 лажички ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • 60 мл масло
  • 500-600 г брашно.

За фил:

  • 6-8 јаболка во зависност од нивната големина
  • 100-150 г мелени лешници
  • 2 лажички цимет
  • 3 лажици шеќер

За шербет за премачкување:

  • 70 мл вода
  • 70 г шеќер.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење растворете го квасецот со топла вода.
  2. Додајте ги шеќерот, ванилиниот шеќер, кардамонот, солта и маслото, па добро измешајте со помош на миксер.
  3. Потоа, постепено додајте го и брашното и замесете меко тесто. Тетстото не треба да биде многу лепливо, но не треба да биде ни премногу тврдо. Па така, доколку тестото е се уште лепливо откако ќе додадете 500 г брашно, слободно додадете уште малку.
  4. Тестото месете го околу 10 минути со помош на миксер. Потоа, покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарасне околу 40-60 минути.
  5. Со хартија за печење обложете 2 плеха/тави.
  6. Во меѓувреме подгответе го филот. Лешниците измелете ги или исечкајте ги во сечко. Јаболката излупете ги и изрендајте ги.
  7. Потоа, во длабок сад измешајте ги јаболката, мелените лешници, шеќерот и циметот.
  8. Откако тестото ќе нарасне префрлете го врз набрашнета работна маса и премесете го. Додајте малку брашно по потреба.
  9. Тестото поделете го на 2 еднакви делови. Секој дел расучете го во правоаголна кора.
  10. Врз секоја од корите на средината ставете од претходно подготвениот фил.
  11. Секоја од корите со нож исечете ја од едната страна на тенки ленти и исплетете ги врз филот како плетенка.
  12. Другата страна од кората премачкајте ја со малку топла вода и превиткајте ја врз филот и врз половина од сплетените ленти.
  13. Вака подготвените плетенки оставете ги да нараснат уште дополнителни 30 минути.
  14. Во меѓувреме подгответе го шербетот за премачкување. Во длабок сад на оган ставете ги шеќерот и водата, и варете додека шеќерот се растопи.
  15. Откако плетенките ќе нараснат префрлете ги во претходно обложените плехови за печење и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
  16. Откако ќе се испечат, додека се топли премачкајте ги со шербетот и поросете ги по желба со сечкани ореви.

Напомена: Повеќе фотографии од процесот на изработка на оваа плетенка со фил од јаболка може да најдете овде.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Швајцарска пита со јаболка.

Сподели: