Посна сарма од лозов лист со грав и маслинки

Директно од нашата кујна, сосема нов рецепт со потврден вкус од многумина кои го дегустираа нашиот специјалитет. Бидете креативни во кујна и смели да пробате нови нешта! Пробајте ја нашата посна сарма од лозов лист со грав и маслинки, неверојатна е!

Начинот на подготовка на оваа уникатна сарма може да се менува зависно од вашите желби. Воопшто не треба да ве загрижува миксот на зачините, ние ја подготвивме по наш вкус, а вие слободно додавајте или одземајте состојки по ваша желба.

посна сарма од лозов лист од грав и маслинки

Состојки:

  • Обарени и исцедени лозови лисја
  • 500-600 гр грав
  • 15 исечкани маслинки
  • 1/2 лажиче куркума
  • 2 лажички кари
  • 1 лажиче црн пипер
  • 1 лажиче копар
  • 1 лажиче оригано
  • 2 лажички сув босилек
  • прстофат рузмарин
  • сол по вкус
  • 1 лажиче вегета (може, а и не мора)
  • 1/2 лажици масло.

Подготовка:

  1. За полесно и побрзо да го сварите, најдобро е гравот да го оставите да стои потопен во вода преку ноќта или барем неколку часа. Внимавајте да не се превари.
  2. Кога е сварен, исцедете ги зрната грав, а водата зачувајте ја во чист сад.
  3. Исцедениот грав ставете го во поголем сад и додајте ги зачините, па убаво измешајте.
  4. Во секој од обарените лозови лисја ставете од смесата, свиткајте ги во сармички и ставете ги во тава за печење.
  5. Откако ќе ја наполните тавата со сармичките, турете од водата во која се варел гравот, во количина која скоро ја покрива нивната површина.
  6. Печете на 200 степени додека водата не испари, а површината на сармичките да добие убава боја.

Прескокнете ги стереотипните размислувања и без двоумење направете го ова сезонско уживање, верувајте дека не смеете да ја пропуштите нашата посна сарма од лозов лист. Гравот ја прави сочна и мека и кога е ладна, зачините и даваат прекрасен вкус, а маслинките незаменлива свежина. Едноставно нема да можете да престанете да јадете!

Ви предлагаме да прочитате: Печена сарма од лозов лист.

Сподели: