potpecena tava so pilesko 1

Потпечена тава со пилешко месо и зеленчук

Креaтивната Лидија секогаш изобилува со вкусни рецепти за фамилијарни ручеци. Па така, денес издвоиме за вас еден одличен рецепт за потпечена тава со пилешко месо и зеленчук. Пробајте го и израдувајте ги вашите сакани со вкусен и хранлив домашен ручек.

Доколку овој викенд немате идеја што вкусно да им подготвите на вашите најблиски, направете им ваква тава. Изобилството од зеленчук и варените копани го прават ова јадење баш хранливо и здраво. Па, доколку се грижите на вашите сакани секогаш да им принесете домашен и здрав оброк, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас.

potpecena tava so pilesko 2

Состојки:

  • 1,5 кг пилешки копани
  • 1 тиквичка
  • 1 модар патлиџан
  • 2 пиперки
  • 4-5 помали компири

За прелив:

  • 400 мл од водата во кој се варело пилешкото месо
  • 200 мл вода
  • 6 лажички доматно пире
  • пилешки бујон или 1 коцка за супа
  • малку чили зачин по желба
  • 1 лажичка црвена пипер
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Во длабок сад со вода сварете ги пилешките копани.
  2. Во меѓувреме, додека се вари пилешкото месо, подгответе го и зеленчукот.
  3. Компирите, тиквичката и модриот патлиџан темелно измијте ги и излупете ги.
  4. Кромидот и лукот исчистете ги од лушпите, а пиперките од семките.
  5. Исчистениот зеленчук исечете го на помали парчиња.
  6. Во загреана тава на масло пропржете го компирот заедно со кромидот, лукот, тиквичката, пиперките и модриот патлиџан, додека омекнат.
  7. Откако месото ќе се свари, наредете ги пилешките копани во плех за печење. Попрскајте ги со малку масло и зачинете ги со сол и црн пипер по вкус. До копаните наредете го и запржениот зеленчук.
  8. Во сад на оган ставете 400 мл од водата во која се варело пилешкото месо. Додајате ги и доматното пире, пилешкиот бујон и зачините. Разредете со 200 мл обична вода. Оставете го преливот да вари.
  9. Потоа, со вака подготвениот прелив прелијте го месото и зеленчукот.
  10. Печете во претходно загреана рерна на 220 степени околу 1,5 час во зависност од рерната.
  11. Готовото пилешко месо со зеленчук послужете го со селско лепче и салата по желба. На здравје.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко во сос од пиво.

Сподели: