Имаме уште еден нов и супер рецепт за пита со јаболка и цимет. Овој пат рецептот потекнува од Романија, а ни го приготви Диана.
Инспирирана од нејзината прошетка во Романија, таа имаше можност да ја дегустира питата во локалните ресторани. А бидејќи им се допаднала многу, Диана го побара рецептот и ја приготви питата во својот дом.

Состојки:
- 1 јајце
- 5 лажици шеќер
- 5 лажици млеко
- 70 грама путер
- ½ ќесичика прашок за печиво
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 300 грама брашно.
За фил:
- 1 кг јаболка
- 1 мала лажичка сок од лимон
- 2-3 лажици шеќер во вкус
- 30 грама путер
- 1 лажица лебни трошки
- ½ мала лажичка цимет во прав.
Подготовка:
- Јаболката се лупат, чистат и рендаат на средна големина. Ренданите јаболка и сокот од лимон се ставаат во сад за готвење на средно висока температура. Се мешаат додека течноста им испари.
- Во садот со јаболката се додаваат путерот и шеќерот. Филот се меша и уште кратко се остава садот на оган додека шеќерот се растопи и испари преостаната течност.
- Садот се трга од огнот и во филот се додава цимет. Смесата се меша, се додаваат лебни трошки и се остава филот да се излади.
- Во сад за матење се ставаат јајцето и шеќерот. Јајцето се мати со миксер додека шеќерот се растопи. Во садот се додава растопениот путер и млекото, и се продолжува со матење.
- Во длабок сад се ставаат брашното, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер.
- Во садот со јајцето постепено се додава од брашното. Се замесува меко тесто, а по потреба се додава брашно. Од тестото се формира топка и се витка со најлонска фолија. Вака приготвеното тесто се става во ладилник за време од 30 минути.
- Рерната се загрева на 175 степени. Во кружна тава (бр.24) или друг сад се става хартија за печење. Тестото се дели на два дела.
- Првиот дел се сучи во танка кружна кора, малку поголема од садот (1,5 см). Кората се става во садот и се прободува со виљушка на неколку места. Потоа се додава филот од јаболка. Над филот се става втората кора од тестото и дијагонално се боцка со виљушка. Од преостанатото тесто може да се направат форми за декорација.
- Питата се става во загреаната рерна и се пече за време од 35 до 40 минути, додека добие златеста боја. Питата се вади од рерната и се боцка со чепкалка дали тестото е добро испечено. Потоа се остава кратко да се излади. На крај се поросува со шеќер во прав и се служи. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Мрзлива пита со јаболка -„лења пита“.