Обожаватели сме на храната од природата и многу често е на нашето мени во разни варијанти. Во оваа прилика ви предлагаме солен куглоф со зелје и семиња, со нежен вкус и прилагоден на сите генерации, а составот е без глутен што е одлична вест за многумина. Подготовката не може да биде поедноставна , без миксер, брза и лесна!
Може ли да биде подобро?!

Состојки:
За куглоф:
- 3 средно големи јајца
- 100 грама бело сирење (младо или фета)
- 250 мл јогурт
- 75 грама чистено зелје
- 2 лажици маслиново масло
- 3/4 чаша пченкарно брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1/2 лажичка сол или прстофат сол по вкус
- 1 лажичка чиа семе
- 2 лажици лупен сончоглед
- 1 лажица семки од тиква.
За печење и декорација:
- путер за премачкување на калапот по потреба
- 1 лажичка чиа семе
- 1 лажица сончоглед
- 1 лажица интегрален сусам
- 1 лажичка ленено семе
- 1 лажица семки од тиква.
Подготовка:
- Најпрво измијте го зелјето. Со помош на нож, отстранете ги тврдите стебленца од листовите и потоа исечкајте го на поситно.
- Во поголем сад ставете ги јајцата и изматете ги со помош на виљушка.
- Сирењето издробете го и додајте го во садот со јајцата. Додајте ги и маслото и јогуртот, па измешајте. А потоа, додајте го и претходно исечканото зелје.
- Во друг сад измешајте ги сувите состојки. Ставете го прво брашното, па печивото, солта, чиа семето, сончогледот и семките од тиква. Измешајте за да се распределат состојките.
- Постепено и со постојано мешање додајте ги сувите состојки во садот со течните.
- Додека го припремате калапот, рерната пуштете ја да се загрева на 200 степени.
- Калапот за куглоф премачкајте го со путер по целата површина, а потоа распоредете ги семињата за декорација по неговата основа и на крај турете ја рамномерно смесата за печење.
- Ставете го куглофот да се печи во загреаната рерна и намалете ја температурата на 180 степени. Печете околу 25 минути и оставете го куглофот 5 минути во исклучена рерна. Извадете го од рерната и покријте го со кујнска крпа. Исечете го на парчиња и на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Штавеј или уште наречен зелје – зелјест зеленчук кој лекува.