Солен ролат со крем сирење и шунка

Солен ролат со крем сирење и шунка

Ни пристигна сезоната на матурски прослави и свадби, а тоа значи дека на сите ни треба некоја идеја плус за декоративен солен ролат кој ќе ни ги разубави празничните трпези. Овие настани едноставно не може да се замислат без кифлички, руска салата и солени ролати. Па затоа, благодарение на Лидија, денес споделуваме интересен и брз рецепт за солен ролат со крем сирење и шунка.

Иако навидум, ваквите декоративни рецепти ни изгледаат сложено, тие се прават мошне едноставно. Па, со малку труд вашата трпеза може да изгледа совршено и без скапи кетеринзи. Само вклучете ја вашата креативност и имагинација, одвојте малку време и направете магија во вашата кујна која ќе ги воодушеви сите.

солен ролат со крем сирење

Состојки:

  • 3 јајца
  • 2 лажици кисела павлака
  • 60 г брашно
  • 4 мали тиквички
  • сол и црн пипер по вкус.

За фил:

  • крем сирење
  • шунка
  • зачини по желба.

Подготовка:

  1. Тиквичките излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Потоа, ставете ги во цедалка, посолете ги и процедете ги од течноста.
  2. Изренданите тиквички запржете ги во тава со загреано масло и зачинете ги со црн пипер по вкус.
  3. Потоа, одделете ги белките од жолчките. Белките изматете ги со миксер со цел да добиете цврста пена. Жолчките ставете ги во длабок сад. Во садот со жолчки додајте ги киселата павлака и брашното, и добро измешајте со помош на жица за матење.
  4. Додајте ги белките и запржените тиквички. Сите состојки промешајте ги внимателно со лажица.
  5. Вака подготвената смеса ставете ја во помал плех обложен со хартија за печење.
  6. Печете во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути.
  7. Од испечената кора внимателно отстранете ја хартијата.
  8. Откако кората ќе се излади, премачкајте ја со крем сирење во кое сте додале зачини по вкус. Врз крем сирењето наредете ги и парчињата шунка и внимателно завиткајте ја кората во облик на ролат.
  9. Ролатот ставете го во фрижидер околу 1 час за да се стегне.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Солен ролат со мак (афионово семе).

Сподели: