Овој пат на блогот Слатки тајни, кај нашата пријателка Лидија наидовме на вкусен и декоративен солен ролат со фил од туна. Се прави брзо и лесно, а изгледа многу несекојдневно, па сигурни сме дека сите ќе бидат воодушевени од вашата оригиналност. Покрај тоа, овој ролат не содржи глутен, па безбеден е и за лицата кои страдаат од целијакија.
Ролатот е совршен за вашите семејни прослави, свадби и крштевки. А, сезоната на свадби е во полн ек, па доколку се одлучите сами да ја припремате трпезата за вашиот голем ден, еве една супер идеја. Ролатот покрај тоа што е превкусен е и многу декоративен.

Состојки:
За тесто:
- 450 г замрзнат спанаќ
- 4 јајца
- сол и црн пипер по вкус
За фил:
- 2-3 конзерви со парчиња туна во вода
- 1 главица црвен кромид
- 1 чили/луто пиперче
- 3-5 лажици кисела павлака
- свеж копар по желба
- сок од лимон
- сол и црн пипер по вкус
Подготовка:
- Најпрво се прави кората за ролатот. Доколку користите замрзнат спанаќ, добро одмрзнете го и процедете го од водата.
- Потоа одделете ги белките од жолчките во посебни садови. Во садот со жолчки додајте го спанаќот и добро промешајте. Зачинете со сол и црн пипер по вкус.
- Белките изматете ги во цврста пена и додајте ги во садот со жолчките и спанаќот. Мешајте внимателно додека сите состојки се соединат.
- Плехот за печење обложете го со мрсна хартија и премачкајте го со путер или масло. Потоа, истурете ја смесата и добро измазнете ја со лажица низ целата површина на плехот. Печете во добро загреана рерна со вентилатор на 200 степени околу 15 минути.
- Откако кората ќе се испечи извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Штом се излади превртете ја врз друга мрсна хартија и обидете се нежно да ја отстраните хартијата за печење која се залепила врз кората.
- Потоа подгответе го филот за ролатот. Туната процедете ја од водата. Кромидот, лутото пиперче и копарот ситно исечкајте ги.
- Во подлабок сад промешајте ги туната и исечканите зеленчуци. Додајте ги и киселата павлака и сокот од лимон. Се добро промешајте и зачинете по вкус со сол и црн пипер.
- Со вака подготвениот фил премачкајте ја изладената кора за ролат.
- Потоа, почнете со виткање на ролатот од подолгата страна на кората.
- Готовиот ролат завиткајте го во мрсна хартија и ставете го во фрижидер за да се стегне околу 1 до 2 часа. На крај, пресечете го на парчиња и послужете го. На здравје!
Напоменa: Филот треба да биде посув, затоа сокот од лимон и павлаката треба да се додаваат постепено за да не се добие премногу течна конзистенција на филот.
Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.
Ви препорачуваме да прочитате: Солен ролат со крем сирење и шунка.