Сос од домати во рерна 1

Сос од домати во рерна – лесен рецепт

Одлична алтернатива за да сме обезбедени цела зима! Рецептот за овој домашен и вкусен сос од домати во рерна, ни доаѓа од кујната на Лидија, а посебно ни се допадна што нема варење со часови. Вкусен е, здрав и многу лесен за правење!

Лидија ни кажа дека овој доматен сос е одлична и корисна основа за многу јадења и дека таа го замрзнува во количини спаковани по околу 300 грама. Исто така вели: „Во сосот може да ставате зачини по желба, но јас го правам едноставен, само со сол, црн пипер, лукче и поквалитетно маслиново масло. Може да се стави и малку шеќер или мед, за да се балансира вкусот“.

Сос од домати во рерна 2

Состојки:

  • разни врсти на свежи домати во количина по желба (може да мешате големи со шери и сл.)
  • 6-10 чешниња лук
  • сол и црн пипер по вкус
  • маслиново масло по потреба.

Подготовка:

  1. Доматите се мијат и се сечат на помали парчиња, па се ставаат во поголем плех во рерна.
  2. Чешнињата лук се чистат, се мијат и се распоредуваат цели низ доматите.
  3. Претходно исечканите домати се зачинуваат со маслиново масло, сол и црн пипер.
  4. Потоа, се ставаат да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени и се печат додека убаво омекнат или околу 1.5 час. Ако сакате сосот да биде погуст, печете ги подолго време.
  5. Ако сакате сосот да биде помазен, изблендирајте го со помош на рачен блендер, но не е неопходно. На крај, изгаснете ја рерната и оставете го сосот да се излади преку ноќта во неа.
  6. Готовиот сос соберете го во кеси за замрзнување или во пластични кутии и замрзнете го. Ако сакате да го соберите во тегли, соберете го додека е топол во топли стерилизирани тегли. Потоа, затворени вратете ги во топлата рерна да се ладат преку ноќта.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Ќофтиња во доматен сос.

Сподели: