Тарт со чоколаден ганаш – без печење

Неодоливо чоколадно уживање! Овој тарт со чоколаден ганаш кој не се пече, е совршен за денови кога ви се јаде нешто благо, а не сакате да поминете многу време во кујна. Десертот го подготви нашата пријателка Јадранка, а ние со задоволство го споделуваме со вас.

Таа вели: „Врнежливите денови ми се најсовршениот момент за во кујна. Стануваат посебни и незаборавни кога ќе подготвите убав рецепт и сите околу вас ќе бидат задоволни. Овој тарт со чоколаден ганаш е полн погодок за сите љубители на чоколадо и на едноставни десерти. “

тарт со чоколаден ганаш

Состојки:

За подлога:

  • 300 г мелени бисквити
  • 150 мл млеко
  • 100 г маргарин или путер
  • сок од 1 портокал
  • 1 ванилин шеќер.

За фил:

  • 250 мл слатка павлака
  • 250 г чоколадо за готвење
  • 100 г млечно чоколадо
  • 100 г путер или маргарин.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад ставете ги бисквитите, маргаринот, сокот од портокал, ванилиниот шеќер и млекото. Измешајте за состојките да се соединат.
  2. Калапот за тартот обложете го со проѕирна фолија и префрлете ја смесата. Со влажни раце, рамномерно распоредете ја смесата во калапот.
  3. Состојките за филот ставете ги по посебен сад. Подготовката на филот може да ја направите на шпорет или во микробранова печка. Ако го правите на шпорет, ставете го садот на тивок оган да се загрее. Постојано мешајте и внимавајте филот да не зоврие. Потоа, тргнете го садот од оган.
  4. Ако филот го правите во микробранова печка, ставете ги состојките да се стопат на пониска температура за време од 5-6 минути. Потоа, убаво измешајте.
  5. Подготвената смеса прелијте ја врз подлогата. Оставете да се излади, а потоа калапот ставете го во фрижидер. Најдобро е да стои преку ноќ.
  6. Готовиот тарт декорирајте го по желба и послужете го. На здравје!

Автор на рецептот: Јадранка Весковска (gotvimesojadranka).

Ви предлагаме да прочитате: Брзи печива со цимет и тиква.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: