Тегнети мазничиња со кисела зелка 1

Тегнети мазничиња со кисела зелка

„Подготвено и фотографирано во мојата кујна! – Одличното кај овие мазничиња е што едно од нив е доволна доза за оброк на едно лице и тоа ќе му се допадне на секого! Во оваа прилика поводот беше Василичарската традиција за мазник со паричка, а бидејќи нашето друштво е големо, изработката на мали мазничиња со кисела зелка за секого делуваше како одлична идеја и топло ја препорачувам на сите вас! – вели Катерина Шамбевска Спасеновска од нашиот тим за нејзините мазничиња.

„Василичарскиот мазник најчесто го правиме во големи кружни тави или за секојдневното мени во плехови, каде корите од лесно полесно се редат една до друга. Како и да се одлучите, важно е дека рецептот е испробан и нема да имате проблем во подготовката.“ – додава Катерина.

Тегнети мазничиња со кисела зелка 2

За филот пак, Катерина вели дека може да бирате по желба и дека секако ќе биде вкусно:„Филот секако дека може да го менувате, а бидејќи ние дома сме љубители на посните варијанти и баш зимски, избрав мазничето да биде подготвено со фил од освежителната кисела зелка која е едно од главните обележја на зимата ширум нашата земја. Во едно од нив, секако има паричка за најсреќниот. А за филот, како и да е, ако не ви стигне предвидената количина на зелка, или едноставно сакате да си направите со друг фил, предлагам да си направите со сирење, проверено ми е и во таа варијанта.“

Тегнети мазничиња со кисела зелка 5

Состојки:

За тесто:

  • 1 кг брашно (по потреба може да ви треба уште малку)
  • 1 лажичка сол
  • 125-150 мл Брилијант масло
  • 500 мл млака вода за замесување.

За филовање и попрскување на кори:

  • 1 поголема кисела зелка (по потреба може да варира количината)
  • Брилијант масло по потреба.
Тегнети мазничиња со кисела зелка 3

Подготовка:

  1. За подготовката на овие мазничиња, најпрво припремете ја киселата зелка. Прво оставете ја барем 3-4 часа во вода за да се отсоли, а потоа исцедете ја и ситно исечкајте ја. Додајте Брилијант масло и запржете ја. Пржете ја додека омекне и водата испари, а потоа оставете ја да се излади. По потреба, оваа подготовка може да ја направите претходната вечер пред да месите. Со тоа киселата зелка е спремна за да биде фил.
  2. Во поголем сад за месење ставете ги брашното, солта, Брилијант маслото и млаката вода за замесување.
  3. Замесете меко, но нелепливо тесто и поделете го на 9 дела.
  4. Од секој дел оформете топче, а потоа со помош на рацете направете подебела тркалезна кора. Формата не мора да биде потполно правилна, а големината може да е од прилика колку дланката.
  5. Така припремените кори ставете ги во претходно намрсени плехови или врз намрсена работна површина, премачкајте ги со масло и одозгора и задолжително покријте ги со најлонска фолија за да не фатат кора. Оставете ги 5-10 минути да одморат, па започнете со тегнење.
  6. За тоа време припремете ја масата. Постелете ја со постар чаршаф кој лесно се витка.
  7. Земете ја првата кора и започнете со тегнење. Прво растегнете ја со помош на горната страна на дланките, а потоа ставете ја на чаршафот и истегнете ја во голема тенка кора. Со помош на нож отстранете ги задебелувањата на краевите, а потоа попрскајте со Брилијант масло и ставете од претходно припремениот фил од кисела зелка. Пред да ставате од филот, изберете која од подолгите страни ќе биде надворешна и при нанесувањето на филот, оставете „празни без фил“ околу 15 до 20 см од кората. Ова ќе ви помогне полесно да ја завиткате на крајот и да не излегува филот, ниту да „гори“ при печењето. На крај, прво со помош на рацете завртете го „филованиот долг раб“ за да почне да се оформува ролната, а потоа со помош на чаршафот довршете го виткањето. Од завитканата ролна направете го мазничето во форма на полжав.
  8. Постапката повторете ја со сите 9 кори, по редот на правење. Тоа значи дека ќе добиете 9 мазничиња, а остатоците кои ги сечевте од корите може да ги премесувате (од прилика краевите на 2 кори прават ново топче/кора) и исто така да ги искористите за подготовка на мазник. Мазничињата попрскајте ги со масло и печете ги во претходно загреана рерна на 230 степени за време од 25-30 минути, или додека добијат убава златно кафеава боја.
  9. Готовите печени мазничиња покријте ги со подебел слој на платнени крпи или чаршаф за да омекнат и оставете ги да се изладат. Уживајте во светот на вкусовите со Витаминка, на здравје!
Тегнети мазничиња со кисела зелка 4

Препорака од авторот:

Многумина мислат дека подготовката на мазник е напредно ниво со вештини во кујната. До некаде, може да се каже дека е точно, но со детално опишан рецепт како мојов, верувајте ќе успеете да направите и вие. Ве охрабрувам да ги пробате моите тегнети мазничиња! Или, за полесно направете една тепсија со повеќе кори и на здравје!

Ако го направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Василичарски мазник со сирење и спанаќ.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: