Чоколадна непечена посна торта 1

Чоколадна непечена посна торта

„Сите сакаме брзи рецепти, а оваа е баш брза торта за правење, но и превкусна за јадење.“ –  вака ни ја опиша Лидија нејзината чоколадна непечена посна торта. А  ние, секогаш сме во потрага по вакви рецепти, брзи и лесни, а превкусни.

Современото темпо на живот делумно спречува да се посветиме на готвењето, па затоа се почесто купуваме готови торти кои не секогаш се вкусни и свежи како домашните. Но, за жал речиси сите класични рецепти за торта бараат многу време и се покомплицирани за правење, па не можеме да си дозволиме често да ги правиме. Затгоа е тука Лидија! Благодарение на овој рецепт, сега во секое време можеме да ги израдуваме најблиските со чоколадна торта.

Чоколадна непечена посна торта 2

Состојки:

  • 800 г посни бисквити
  • 100 г сечкани и потпечени ореви, бадеми или лешници по желба
  • 180 г шеќер
  • 60 г какао
  • 250 мл вода
  • 150 г маргарин
  • 1 лажичка ванилин шеќер
  • кора од 1 еден портокал по желба
  • 150 г посно чоколадо

Подготовка:

  1. Оревите печете ги околу 5 минути во сува тава на рингла, а потоа исечкајте ги на покрупни парчиња. Наместо ореви по ваша желба може да искористите бадеми или лешници.
  2. Во подлабок сад искршете ги бисквитите на покрупни парчиња и додајте ги во садот со иситнетите ореви.
  3. Во средно голем сад ставете ги шеќерот и какаото, а потоа постепено додавајте ја и водата со постојано мешање со жица за матење. Додајте го и маргаринот и ставете го садот на оган на средна температура околу 7-8 минути.
  4. Потоа тргнете го садот од оган и додајте ги ванилиниот шеќер и кората од портокал. Оставете го чоколадниот сируп да се излади околу 10 – 15 минути.
  5. Вака подготвениот чоколаден сируп додајте го во садот со бисквити и оревите. Добро промешајте.
  6. Калапот на кој му се отстранува дното обложете го со мрсна хартија. Во вака обложениот калап ставете ја чоколадната смеса и убаво измазнете ја и притиснете ја со помош на лажица. Вака подготвениот пандишпан, ставете го во фрижидер за да се стегни околу 30 минути.
  7. Откако тортата ќе се стегни, растопете го чоколадото на пареа и со него прелијте го пандишпанот во калапот. Со цел убаво да се израмне чоколадото може неколку пати да го чукните калапот од работната маса.
  8. Чоколадираната торта повторно вратете ја во фрижидер и оставете ја најмалку 3-4 часа или најдобро преку ноќ.
  9. Тортата украсете ја по ваша желба и оставете ја малку на собна температура пред сервирање. За украсување може да употребите мелени ореви и шумско овошје, но совршено одговара и со кругови портокал. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com

Ви препорачуваме да прочитате:  Брза непечена чоколадна торта со бисквити за 5 минути.

Сподели: