Чорба со печурки, спанаќ и овес

Со променливото време и пониските температури стартова и сезоната на настинките. А, силниот имунитет е најдобрата бариера против секој вирус, вклучувајќи го и новиот коронавирус. Па, сигурно се прашувате што треба да направите за да го зајакнете имунитетот и да бидете поотпорни на вируси и бактерии? – Здравата исхрана е прв сојузник на имунитетот. Секојдневно треба да внесуваме намирници што се богати со витамини и минерали кои имаат корисен ефект врз имунолошкиот систем. Во продолжение ви откриваме супер рецепт кој ќе ви го зајакне имунитетот. Вкусна и здрава чорба со печурки, спанаќ и овес, која ја најдовме на Инстаграм блогот на нашата пријателка и нутриционист Симона.

Оваа чорба со печурки, спанаќ и овес позитивно влијае на имунолошкиот систем благодарение на состојките кои ги содржи. Идеална е за деца, возрасни, вегани и вегетаријанци, па потрудете се да биде дел од вашето неделно мени.

чорба со печурки, спанаќ и овес

Состојки:

  • 50-60 г овес во зрно
  • 30-40 г печурки
  • пола лажичка куркума
  • малку ѓумбир
  • 1 чаша беби спанаќ
  • 1 мала главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 1 пиперка
  • 1 морков
  • маслиново масло
  • био коцка за супа
  • црно семе.

Подготовка:

  1. Најпрво ставете го овесот во сад со вода и оставете го да стои неколку часа. Потоа, ставете го да се вари.
  2. Морковот, пиперката, кромидот и лукот ситно исечкајте ги. По 40 минути варење на овесот, додајте го и сечканиот зеленчук. По желба зеленчукот можете и кратко да го пропржите.
  3. Додајте ги коцката за супа, куркумата, печурките, ѓумбирот и спанаќот. Измешајте и оставете ја чорбата да се вари уште малку.
  4. Готовата чорба сервирајте ја со лимон и црно семе и послужете ја додека е топла. На здравје!

Совет плус:

За подобар вкус на чорбата можете да ставите микс од печурки (шитаке, шампињони и вргањ).

Автор на рецептот: Симона Коруновска (instanutricionist).

Ви препорачуваме да прочитате: Лесна чорба од зеленчук.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: