шпагети во лут сос

Шпагети во ароматичен лут сос

Од кујната на Лидија ни доаѓа уште еден феноменален рецепт за тестенини. Станува збор за многу лесен и брз рецепт за шпагети во ароматичен сос, наменет за сите обожаватели на зачинета и лута храна.

Рецептот е многу едноставен и всушност сѐ што ви треба за негова подготовка е едно пакување шпагети, лук, чили пиперки и сос. Доколку не сте обожаватели на прелута храна, може и воопшто да не користите чили пиперки и да ја намалите количината на чили сосот. Изборот останува на вас и се зависи од вашите лични желби и вкус. Иако убавината на овој рецепт лежи токму во неговиот пикантен вкус и специфична арома на лук, сепак и помалку лутата варијанта на ова јадење сигурни сме дека ќе биде подеднакво добра.

шпагети во ароматичен лут сос

Состојки:

  • 400-500 г шпагети
  • 200 мл маслиново масло
  • 10-12 чешниња лук
  • 1-3 лути чили пиперки
  • 2 лажички чили сос
  • пармезан по желба
  • сол и црн пипер по вкус
  • свеж магдонос за декорација.

Подготовка:

  1. Најпрво исчистете ги лукот и чили пиперките, а потоа исечкајте ги.
  2. Во тенџере на оган ставете поголема количина на вода. Додајте сол и оставете ја водата да зоврие. Во зовриената вода ставете ги шпагетите и сварете ги според упатството на пакувањето – „ал денте“.
  3. Во тава на оган на загреано масло ставете ги чили пиперките и лукот. Кратко запржете ги колку да омекнат.
  4. Откако шпагетите ќе се сварат истурете им ја водата.
  5. Во тенџерето со исцедените шпагети, додајте ги врелото масло, лукот и чили пиперките. Зачинете со сол, црн пипер и чили сос. Добро промешајте.
  6. Топлите шпагети во ароматичен сос поросете ги со пармезан и малку свеж магдонос и послужете ги веднаш. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви предлагаме да прочитате: Шпагети со сирење и црн пипер „Cacio e Pepe“

Сподели: