крем чорба од пченка и компири

Крем чорба од пченка и компири

Доколку и вие сакате да дегустирате нови вкусови и да експериментирате во кујната, тогаш овој рецепт е совршен за вас. Можеби досега не ви текнало да си подготвите чорбa со пченка, но сега е вистински момент да го направите тоа. Оваа крем чорба од пченка и компири има навистина интересен вкус, кој ќе ве освои уште со првата лажица.

Чинијата со вкусна, топла чорба без сомнение ќе ве загрее во овие ладни денови. Па, подгответе си ја за вас и за вашето семејство и уживајте во необичниот сладникав вкус на ова по малку необично јадење.

крем чорба од пченка и компири

Состојки:

  • 1 лажица маслиново масло
  • 2 лажици ситно сечкан кромид
  • 2 лажици ситно сечкан целер
  • 2 лажици ситно сечкана зелена пиперка
  • 300 грама смрзната пченка
  • 2 компири со средна големина
  • свеж магдонос по желба
  • 1 чаша вода
  • ¼ лажичка црвен пипер
  • 2 лажици брашно
  • 2 чаши обезмастено млеко
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво, темелно измијте го зеленчукот, исчистете го, а потоа исечкајте го на поситни коцки.
  2. Во тава на оган ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло попржете ги целерот, кромидот и пиперката околу две минути.
  3. Потоа, додајте ги пченката, компирот исечкан на коцки, водата и зачинете со сол, црн и црвен пипер. Штом чорбата зоврие, намалете ја температурата, а тенџерето покријте го со капак.
  4. Зеленчукот варете го околу 10 минути, односно додека компирот омекне.
  5. Варениот зеленчук изблендирајте го со рачен блендер.
  6. Во еден сад измешајте две лажици брашно со малку млеко. Оваа смеса додајте ја во варениот зеленчук и измешајте. Потоа, во тенџерето додајте го и преостанатото млеко.
  7. Вака подготвената чорба варете ја со константно мешање се додека се згусти.
  8. Готовата чорба од пченка послужете ја додека е топла, сервирана со свеж магдонос или друг зачин по желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Крем чорба од пченка.

Сподели: