Посни бомбици со кокос и пудинг

Посни бомбици со кокос и пудинг

Мали, симпатични и вкусни колачиња со богата арома на кокос и ванила! Посни и совршени за секоја празнична трпеза, за слави, имендени и  деновите кога сакате да се засладите со домашни колачиња. Пробајте ги посните бомбици со кокос и пудинг.

Подготовката на бомбиците е едноставна и секој би можел да ги направи, без разлика на кулинарските вештини кои ги поседува. А во приготвувањето, најмногу би уживале децата. Па, поканете ги на сладок предизвик. Поминете убави моменти во кујната и уживајте со најблиските!

Посни бомбици со кокос и пудинг

Состојки:

  • 1 ќесичка пудинг од ванила
  • 250 мл вода
  • 3 лажици шеќер
  • 125 грама маргарин (на собна температура)
  • 125 грама шеќер во прав
  • 250 грама кокос
  • 100 грама лешници или ореви.

За декорација:

  • 100 грама кокос.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган ставете ја водата да се вари.
  2. Прашокот за пудинг и шеќерот ставете ги во длабока чинија и измешајте ги. Во чинијата додадете малку вода (50 мл) и измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса.
  3. Штом водата ќе зоврие, во тенџерето додадете ја разматената смеса за пудинг. Пудингот варете го околу 2 до 3 минути, со постојано мешање, додека смесата се згусти. Варениот пудинг, тргнете го од оган и оставете го да се излади.
  4. Маргаринот исечете го на коцки и ставете го сад за матење. Во садот додајте го шеќерот во прав. Изматете со миксер додека добиете хомогена смеса.
  5. Во садот со изладениот пудинг додајте ја смесата со маргаринот. Изматете повторно со миксер. Во садот додајте го кокосот. Со помош на рацете соединете ја смесата.
  6. Од смесата формирајте мало топче, потоа притиснете го со прстите и во средината ставете лешник. Повторно формирајте бомбица и извалајте ја во кокосово брашно. Постапка повторете ја додека смесата се потроши.
  7. Припремените посни бомбици со кокос и пудинг сервирајте ги во хартиени корпички, а може да ги чувајте во фрижидер или да ги замрзнете.

Ви препорачуваме да прочитате: Посни Сникерс бомбици.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: