Сувите сливи се важна храна за здрави коски 1

Сувите сливи се важна храна за здрави коски

Во последно време на интернет кружи рецепт за чудесен лек против болки во грбот кој се состои само од суво овошје, па поистражувавме малку на таа тема. Во оваа прилика ви ги презентираме резултатите од научните истражувања за влијанието на сувото овошје врз здравјето на коските, со водечка улога на сувите сливи во целата таа приказна.

Според истражувањата кои се спроведени на Универзитетот на Флорида, кога се во прашање коските, сувите сливи се едни од најздравите овошја. Сите ние знаеме дека повеќето овошја и зеленчуци содржат витамини и минерали кои се добри за здравјето во целост, па и за коските, но сувите сливи во тој поглед имаат предност. Тие, во однос на останатото суво овошје имаат способност значително да ја подобрат густината на коските, како и да ја променат количината на алкалните фосфати кои се наоѓаат во нив. Покрај тоа, докажано е дека ова овошје има способност да ја промени густината на минералите во коските кај жените во постменопауза. А, нутритивниот состав кој изобилува со калциум и витамин Д, ги прави сувите сливи одлични за целата популација. Ем здрави, ем вкусни и плус тоа добри за витка линија!

Сувите сливи се важна храна за здрави коски 2

Зошто треба да се јадат сувите сливи?

За време на истражувањето на универзитетот во Флорида, научниците го испитувале ефектот на сливите врз здравјето, прво кај животните, а потоа и кај луѓето. Резултатите биле повеќе од позитивни, особено кога биле во прашање жените. Кога нивните коски биле испитани по тримесечно траење на истражувањето, било утврдено дека се значително поздрави и посилни, што било причина за истражувањето да продолжи да трае цела година.

При тоа, во ова истражување учествувале 100 жени кои поминале низ процесот на менопауза, а ниту една од нив не користела лекови за зајакнување на коските, стероиди или некои други суплементи со калциум.  Како учесници, не биле исклучени жените кои веќе имале хронични заболувања на коските или биле пушачи. Но, во истражувањето не можеле да учествуваат жени кои претходно редовно консумирале суви сливи или пак сок од сливи, со цел диференцијацијата на резултатите да биде јасна и што поточна.

Жените учеснички во истражувањето, биле поделени во две групи, едната група јадела по 10 сливи на ден цела година, но поради нивното лаксативно дејство тие биле воведувани постепено во исхраната. Другата група на жени јадела околу 75 грама суви јаболка кои имаат ист број на калории, јаглени хидрати, масти и растителни влакна, како и 100 грама суви сливи. Оваа група покрај овошјето внесувала и суплемент со витамин Д и калциум. Откако ги споредиле резултатите на двете групи, било заклучено дека жените кои консумирале суви сливи имале подобри резултати од втората група, која дополнително земала и суплементи во текот на истражувањето.

Зошто треба да јадете по 10 суви сливи на ден?

  • Затоа што сувите ја зголемуваат густината на коските со што се подобрува подвижноста и се намалуваат болките во нив!
  • Го подобруваат здравјето на ‘рбетниот столб и неговата издржливост, а се намалува ризикот од повреди и кршење на екстремитетите!
  • Како резултат на нивниот лаксативен ефект, одлични се за регулирање на варењето и помагаат во одржувањето на здрава телесна тежина.
  • Богати се со витамин Ц, витамин К и фитохемикалии кои се од голема важност за здравјето на коските.
  • Сувите сливи поседуваат антивоспалителни својства.
  • Ги подобруваат биомаркерите на коските, па после нивна редовна консумација биомаркерите покажуваат зголемена густина на минералите во коските. Ова позитивно дејство е посебно значајно за здравјето на коските кај жените во менопауза.
  • Помагаат при тешкотии со концентрацијата, како и го зајакнуваат срцето и имунитетот.

Ви препорачуваме да прочитате:  Сливи – овошје кое крие ризница од здравствени придобивки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: