Чоколадни колачи со бисквити и лешници, готови за 10 минути

Ова се нашите омилени чоколадни колачиња кои изгледаат фантастично, а повкусни не може да бидат! Верувале или не, овие чоколадни колачи со бисквити се прават без печење и тоа за 10-тина минути. А вкусот не се опишува со зборови. Би рекле дека е чоколадна фантазија со лешници која секој може да ја направи и да ја проба. Баш погодени!

Состојки:

  • 1 пакетче (225 грама) бисквити класик
  • 1 пакетче (225 грама) бисквити со вкус на чоколада
  • 4 лажици путер
  • 1 чаша (200 грама) темно чоколадо
  • 4 лажици чоколаден крем од лешници
  • 1 чаша млеко.

Фил:

  • 2 ќесички шлаг крем од чоколадо
  • 500 мл млеко
  • 50 мл вода
  • 10 грама желатин
  • 4 лажици чоколаден крем од лешници
  • ½ чаша (100 грама) темно чоколадо
  • ½ чаша мелени лешници.

Подготовка:

  1. Бисквитите се мелат и се ставаат во длабок сад. Путерот и чоколадото се топат на тивок оган. Во садот со мелените бисквити се ставаат растопениот путер и чоколадото, се додава чоколадниот крем од лешници и млекото. Смесата убаво се меша.
  2. Во претходно обложени шест кружни калапи со хартија за печење се става од чоколадната смеса со бисквитите во висина од 2 см. Смесата добро се израмнува.
  3. Желатинот се става во чаша и се додава водата, па се остава да набабри за време од 5 минути. Во меѓувреме шлаг кремот и млекото се ставаат во сад за матење. Се матат со миксер додека се добие крем.
  4. Желатинот кратко време се става во сад на оган за да се растопи. Растопениот желатин се додава во садот со шлаг кремот и се продолжува со матењето за време од 2 минути. Потоа во садот се додаваат 4-те лажици чоколаден крем од лешници и се мати кратко време за да се добие хомогена смеса.
  5. Филот се дели на два дела. Во едниот дел се додаваат мелените лешници и се меша за да соедини смесата.
  6. Чоколадото се топи на пареа и се додава во вториот дел. Се меша за да се соедини филот.
  7. Во калапите, врз слојот од бисквити се става од чоколадниот фил во висина од 2 см. Потоа, калапите се ставаат во замрзнувач за време од 5 до 10 минути.
  8. Потоа, се вадат и се става филот со лешници. Убаво се рамни по површината и калапите се враќаат во замрзнувачот. Се оставаат за време од 2 часа, а најдобро е преку ноќ. Непечените колачи со бисквити се вадат од калапите и се сервираат со парчиња чоколадо. Баш погодени!

Ви препорачуваме да прочитате: Интегрални бисквити со овесни снегулки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: