летни идеи за морски декорации

3 летни идеи за морски декорации со стари тегли и чинии

Топлите денови започнаа, па време е на домот да му се даде нов летен лик. Ако немате идеја што да направите или купите за да го освежите просторот, ви предлагаме 3 летни идеи за морски декорации кои изгледаат многу убаво. За да ги направите потребни ви се школки, стари тегли и чинии, а направените декорации може да ги поставите на масата или во дворот. Па ајде да започнеме!

Држач за свеќа од школка

Ова лето разубавете го домот со романтичен свеќарник од школка. Сигурни сме дека повеќе од нас, штом одат на одмор имаат желба да берат школки и да ги понесат во својот дом како спомен. Па ако ви се наоѓа некоја поголема школка, направете си свеќник. За да го направите потребни ви се големи школки, малечки камчиња и свеќа. Прво, земете една половина од школката и свртете ја, така што внатрешната страна треба да биде поставена на горниот дел. Во внатрешноста на школката ставете свеќа, а околу неа наредете камчиња. Со тоа вашиот свеќарник е готов и спремен за поставување во домот.

Свеќарник од чинија со камчиња и мали школки

Можеби некои немаат големи школки, но затоа сите од нас имаат чинии. За да направите свеќарник во морски стил, земете една правоаголна чинија. Врз неа поставете три свеќи, а потоа наредете камчиња. Од двете страни на свеќите поставете мали школки и тоа е се. Поставете го свеќарникот врз масата и уживајте во вашето креативно дело.

Морски фенер од стара тегла и песок

Ова е навистина интересна идеја која освен што ќе може да ја поставите врз масата, ќе може и да ја обесете во дворот. За да направите морски фенер потребна ви е тегла, песок, свеќа, мали школки, коноп или конец, и ножици. Од конопот исечете 4 парчиња со должина од 1 метар. Потоа врзете ги по две. Парчињата поставете ги една врз друго, а потоа ставете ги врз капакот на теглата. Започнете со врзување и формирајте мрежа, како што е прикажано на следното видео. Штом мрежата е готова, тргнете ја од теглата, а во внатрешноста ставете песок, школки и свеќа. Теглата затворете ја со капакот и врз неа ставете ја плетената мрежа. Морскиот фенер кој го направивте сами е готов и може да го поставите во домот.

Уживајте во летните денови со вашите креативни морски декорации!

Ви предлагаме да прочитате: Направете 5 уникатни свеќници од стари тегли.

Сподели: