Веќе неколку години, често приготвуваме храна во садови од инокс, односно нерѓосувачки челик. А кога зборуваме со нашите пријатели на оваа тема, дел од нив избегнуваат да ги користат, затоа што сметаат дека површината е леплива. Па, кој сака да изгуби драгоцено време во кујната за чистење на загорената тава или тенџере? Дали знаете како да ги користите овие садови, без притоа храната да се лепи на нив? Ви откриваме 6 важни тајни за приготвување на храна во садови од инокс, за кои сметаме дека е многу корисно ако ги знаете.
Можеби сте се прашале зошто храната која е приготвена во рестораните има подобар вкус. А одговорот се крие во користењето на садови од нерѓосувачки челик. Да, точно е тоа! Храната која е приготвена во садови од инокс има подобар вкус.

Како да направите нелеплива површина во садовите од нерѓосувачки челик?
Трикот за подготовка на храна во овие садови, накратко може да се сумира како „жешка тава, ладно масло“. Пред за започнете со подготовка на храната, садот ставете го на умерено висока температура за да се загрее. Ставете ја дланката во близина на дното, на висина од околу 10 см. Ако почувствувате топлина, веќе е време да го додадете маслото. Користете масло чувано на собна температура и додајте малку за да се прекрие дното на садот. Штом забележите мал чад, тогаш тавата или тенџерето се спремни за приготвување на храната. Мисијата е комплетна, вашиот сад од инокс, веќе има нелеплива површина.
Не го превртувајте месото веднаш по ставањето во садот
Кога подготвувате месо во овие садови, немојте да го форсирате за да се лизга по површината. На почеток, месото ќе се залепи за тавата, но штом е готово, тоа ќе се одлепи и лесно ќе може да се движи низ површината. Така, ќе може да го превртувате и подготвите по желба.
Како да испечете храна без масло во садови од инокс?
Садот ставете го на умерена температура за да се загрее. По 4 до 5 минути, проверете дали садот ја постигнал потребната температура. Тоа може да го направите многу лесно. Ставете неколку капки вода. Ако водата се распореди низ садот во форма на топчиња кои се тркалаат низ површината на дното, тогаш садот е спремен за подготовка на храната. Сега може да го ставите месото. Треба да знаете дека тоа ќе се залепи за дното, но немојте веднаш и со сила да го одлепувате. Поклопете го садот и оставете го за време од 2 до 3 минути. Тоа време е доволно за месото го испушти својот сок и да се одлепи од дното на садот. Потоа, превртете го да се пече од другата страна. Садот повторно покријте го со капак, а температурата намалете ја. Ако месото е младо и исечено на тенки парчиња, шпоретот може да го исклучите веднаш по загревањето на садот. Процесот на печење ќе продолжи, благодарение на карактеристиките и дебелината на дното на садовите кои долго време ја задржуваат топлината. Вака приготвеното месо во сопствениот сок е многу повкусно и има подобар изглед. А секако, месото може да го приготвите и со масло, како што споменавме погоре.
Секогаш користете умерена температура при готвење на храната во садови од инокс
Друга тајна која треба да ја знаете и применувате, е користењето на умерена температура при приготвување на храната во садови од инокс. Готвењето на многу висока температура може да предизвика лепење на храната на садовите.
Почекајте садот да се излади на собна температура, па потоа измијте го
По завршувањето со готвењето, знаеме дека најчесто се брзате и веднаш го ставате садот во мијалникот. Притоа, сигурно го потопувате со вода за да се исчисти добро. Но, дали знаете дека тоа е грешно? Почекајте садот да се излади на собна температура пред да додадете вода. Во спротивно, може да го намалите квалитетот на садот и да предизвикате негово искривување. Така, се намалува и рокот на употреба на садовите, што секако не е од корист.
Миење на садовите од инокс
Штом садот се изладил, потопете го со топла вода во која сте додале средство за миење на садови и оставете го да стои извесно време. Потоа измијте го. Ќе забележите дека храната лесно се отстранува, а садот е совршено чист.
Ви помогнаа ли нашите кујнски совети? Испробајте ги и пишете ни во коментар колку и како помогнавме во подобрување на вашите вештини во кујната!
Ви предлагаме да прочитате: 7 важни кујнски совети кои секој треба да ги знае.