7 придобивки од киселите краставички за здравјето

Тајната на омилената руска салата и тартар сос се крие во вкусните кисели краставички. Крцкави, сочни и здрави! Вака можеме да ги опишеме вкусните корнишони кои се идеална храна за зимскиот период. Одлично се вклопуваат во салати и сендвичи, а придобивките од нивната консумација се големи. Се препорачуваат за зајакнување на имунитетот, намалување на грчевите во мускулите, помагаат за полесно намалување на килограмите, балансирање на шеќерот и холестеролот во крвта…

Веќе го привлековме вашето внимание? – Земете си неколку кисели краставички за ужина и продолжете со читање на текстот. Ќе ги дознаете најзначајните придобивки од киселите краставички кои ќе ве мотивираат почесто да ги вклучувате во исхраната.

7 здравствени придобивки од киселите краставички

Корнишоните се идеална зимска храна и го чуваат имунитетот

Киселите краставички и нивниот сок се богати со двата моќни антиоксиданси – витамините Ц и Е, кои го подобруваат имунитетот. Благодарение на тоа, се препорачуваат како дел од исхраната во зимскиот период. Може да ги ставите како додаток во салата или искористете ги како ужина меѓу оброците.

Богати се со пробиотици и го чуваат здравјето на дигестивниот тракт

Благодарение на изобилството на пробиотици, киселите краставички и нивниот сок го чуваат здравјето на дигестивниот систем. Затоа, посебно се препорачуваат во исхраната на лица кои пиеле антибиотици или имаат проблеми со варењето на храната. Може да ги јадете секој ден, а се препорачува по 3-4 корнишони.

Сокот од киселите краставички може да ви помогне против грчеви во мускулите

Според некои истражувања објавени во списанието „Medicine & Science in Sports & Exercise” сокот од кисели краставички помага во олеснувањето на тегобите предизвикани од грчење на мускулите, многу повеќе во споредба со обичната вода.

Киселите краставички се идеална храна за жените и ги намалуваат менструалните грчеви

Киселите краставички се идеална храна за жените. Благодарение на поволниот нутритивен состав, сокот и киселите краставички имаат моќ да го вратат и зачуваат нивото на електролити во крвта. Па, ако страдате од менструални грчеви, наместо таблета, каснете 2-3 кисели краставички и испијте дел од течноста.

Помагаат во баланс на нивото на шеќер во крвта и намалување на холестеролот

Придобивките за балансирање на нивото на шеќер во крвта се препишуваат на сокот од киселите краставички. Иако овој напиток не може да ги замени лековите и терапијата против дијабетес тип 2, сепак експертите тврдат дека може во голема мера да помогне против оваа состојба. Покрај тоа, сокот од киселите краставички е добар и за намалување на холестеролот во крвта. Доколку често имате желба за солена храна, напијте се сок од корнишони. На овој начин ќе ја задоволите потребата без да внесете храна која е богата со холестерол.

Ако сакате да ги намалите килограмите консумирајте кисели краставички

Сакате да постигнете топ форма за празниците кои доаѓаат? Посегнете по тегла со корнишони. Тие се ниско калорични и богати со растителни влакна кои го забрзуваат метаболизмот. Ако активно вежбате, заменете ги скапите комерцијални напитоци за спортисти со сок од краставички кој има сличен состав.

Може да ви помогнат при мамурлак

Испиените големи количини на алкохол ги намалуваат витамините и минералите во телото. Киселите краставички се богати со хранливи материи, особено со витамин А, железо, калиум, витамин К, калциум и манган. Можеби ви звучи чудно, но сепак изедете неколку корнишони, ако некогаш претерате со алкохолот.

Ви препорачуваме да прочитате: Предности на киселата зелка.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: