Пролетта е време за убави нешта, празнување и семејни собири, а козињакот мора да биде дел од тие настани! Израдувајте ги своите најмили и сервирајте им превкусен козињак со мак, а доколку ви остане малку време направете кафе и поканете ги пријателите на дружба!
Ние најмногу го обожаваме наутро и често го комбинираме со мармалад или некој друг сладок намаз. Така послужен со шолја чај или кафе и свежо овошје е одличен за појадок.

Состојки:
За тесто:
- бело брашно по потреба
- 6 јајца
- 500 мл млеко
- 500 гр шеќер
- 250 мл масло
- 2 коцки квасец
- рендана кора од 1 лимон
- 2 ќесички ванилин шеќер
- суво грозје или друго ситно суво овошје по желба.
За фил:
- 200 гр мак (афионово семе)
- 200 мл млеко
- 150 гр шеќер
- 2 ќесички ванилин шеќер.
За премачкување:
- 1 јајце
- сусам по потреба
- мак по потреба.
Подготовка:
- Во сад за матење, најпрво добро изматете ги јајцата со шеќерот, а потоа додајте ги и останатите состојки за формирање на тестото.
- Замесете го за убаво да се соединат состојките, а потоа оставете го околу 30 минути на собна температура за да нарасне.
- Во меѓувреме подгответе го филот. Млекото ставете го во сад на оган заедно со макот и шеќерот, а откако ќе се згусне тргнете го од огнот и оставете го да се излади.
- Нараснатото тесто размесете го и поделете го на 3 дела, па секој од нив поделете го на три дела.
- Со помош на сукало истегнете ги корите и секоја од нив премачкајте ја со филот, па завртете ја во ролна. Од ролните сплетете козињак. Ќе добиете 3 плетенки.
- Плетенки ставете ги во тава или плех обложен со хартија за печење, оставете ги 20-тина минути да нараснат, па премачкајте ги со јајце и наросете ги со сусам и мак.
- Готовиот козињак со мак ставете го да се печи во претходно загреана рерна на 200 степени, за време од околу 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и печете уште 35-40 минути.
- На крајот од печењето, доколку има потреба покријте го со алуминиумска фолија за да спречите да изгори по површината.
Сервирајте го и на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Брза непечена торта со бисквити.