Постапалки во 2 вкусови – Лесни колачиња за лесни чекорчиња

Првите детски чекори се вистинска возбуда не само за родителите, туку и за бебето! Радоста на син ми беше поголема и од нашата и ќе ја памтам долго! Очињата полни со сјај, а на лицето широка и гласна насмевка! Незаборавно! Тој веќе трчка, а јас поради обврски не стигнав тогаш да му направам колачиња, па сега ќе ве почестам превкусни колачиња за лесни чекорчиња и тоа ви припремив избор во 2 вкусови!“ – радосно раскажува Катерина Шамбевска Спасеновска од нашиот тим, која ги направи превкусните и слатки постапалки.

Како голем обожавател на црно кафе Катерина вели: „Одлични се за паковани или сервирани во чинија. Јас ги припремив за со радост да ги почестам блиските роднини и пријатели, заедно со филџан од најдоброто Браво кафе. Па препорачувам, дарувајте ги на саканите, засладете ги блиските, со желба да е сладок и лесен патот на вашите најмили! А сега да ви раскажам и како да ги направите:“

Состојки:

  • 2 јајца
  • 150 г мед
  • 3 лажици стопен путер (за замена може масло)
  • рендана кора од 1 портокал
  • 2 ќесички ванилин шеќер 
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 400 г брашно.
постапалки

Додатоци за чоколадни постапалки:

  • 1-2 полни лажички какао
  • 1/4 лажиче Браво кафе 
  • 1 лажиче сок од портокал.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги јајцата и изматете ги со виљушка. 
  2. Потоа додајте ги медот, стопениот путер и кората од портокал. Промешајте.
  3. Додајте го брашното, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер.
  4. Убаво измесете ја смесата и поделете ја на 2 дела. Едниот дел оформете го во кора со дебелина околу 1 см, завиткајте ја во најлонска фолија и ставете го во замрзнувач 35-40 минути. Во другиот дел додајте го какаото, прстофатот Браво кафе и сокот од портокал. Убаво измесете да се изедначи, па ставете го во замрзнувач исто како и првиот дел.
  5. Изладената кора, ставете ја меѓу 2 слоја хартија за печење и со сукало истенчете ја до дебелина од 5 мм, бидејќи нараснуваат.
  6. Со калап извадете ги формите и ставете ги во плех обложен со хартија.
  7. Печете во загреана рерна на 180 степени, 10-12 минути зависно од рерната.
  8. Нема да можете да се одлучите кои се повкусни! Декорирајте по желба, уживајте во радоста и на здравје!
постапалки

Како декорирав јас?

Откако се роди син ми, креативноста во кујната ми е уште поголема и открив нови афинитети на мојата личност. Досега не сум работела со „ројал ајсинг“, но меракот чуда прави😄, па одлучив да пробам и можам да кажам успешно беше, ве охрабрувам да пробате и вие. Не мора да е совршено, подготовката со љубов е најважна! Изматив белка од едно помало јајце и додадов 80 грама шеќер во прав и 1 лажиче лимонов сок. Ставив во најлонска ќеса, го потсеков врвот и декорирав. Останатите украси се купуваат и може да си бирате по желба.“ – срдечно раскажува Катерина.

постапалки

Совети плус:

  1. Колачињата правете ги со помал калап, така ќе добиете 28-30 постапалки.
  2. Ако сакате да добиете исклучително рамни колачиња од горната страна, оформените постапалки, пред печење ставете ги во замрзнувач 20 минути.
  3. Ако користите „ројал ајсинг“, ставете во потенок слој и декорираните колачи ставете ги во замрзнувач за да се здрви. Колачите не замрзнуваат и по подолго време, само декорацијата ќе се задржи.
постапалки

Препорака од авторот:

На крај, ако ви се допадна мојот рецепт и грижата со која ви објаснив детално, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадни матурски колачи во три вкусови.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: