Многу пати сме слушале, а сега се заинтересиравме да дознаеме повеќе и секако да пренесеме до вас. Па, кое е значењето на петолебието? Зошто се прави? – Веруваме дека повозрасните знаат, а за сите кои сакат да дознаат малку истражувавме и освен што го презентираме рецептот за петолебие на Бетина, на кратко објаснуваме за значењето на овие лепчиња.
Петолебие се нарекуваат пет мали лепчиња што ги подготвуваат православните верници за в црква, особено за богослужбата во петоците на велигденските пости. Се верува дека петолебието е кратка служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот. На страницата на македонската православна црква најдовме и молитва која се кажува за време на правењето на петолебието, кое уште се нарекува и просфора или поскура, во различните краеви. Еве што велат од таму; „Просфората се прави со молитва. За време на правењето на просфората молете се со Исусовата молитва: Господи Исусе Христе помилуј нѐ, бидејќи на светата Литургија просфората ќе стане Телото на нашиот Господ Исус Христос.“
Сигурно сите сте слушнале за нафора, односно тоа е името на лепчето откако ќе е благословено од свештено лице. Повеќе за тоа може да прочитате тука, а сега се навраќаме на рецептот на Бетина Кузевски и искрено и се заблагодаруваме што ни овозможи да го споделиме со сите вас и тоа со прекрасна фотографија. Повеќе фотографии од подготовката може да погледнете на нејзината страница zgotvenosoljubov.

Состојки:
- 750 г брашно
- 1 лажичка сол
- 1 лажица шеќер
- 1,5 пакетче сув квасец
- 400-450 мл млака вода
Подготовка:
- Сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на водата се замесува средно и нелепливо тесто. Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите.
- Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте со крпа или фолија и ставете го садот во топла вода (бања) да стои 30-тина минути или додека тестото го дуплира волуменот.
- Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте го со фолија или крпа, и ставете го во топла вода наредните 30 минути за да нарасне. Откако ќе нарасне, поделете го тестото на 10 еднакви дела. Може и да ги мерите на вага со цел сите лепчињата да ви бидат исти. Прикажаните лепчиња имаат тежина од 120 грама.
- Секој дел се расукува во округла форма. По две се лепат едно на друго, при тоа едниот дел премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го другиот дел.
- Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора. Вака подгответе вкупно пет лепчиња.
- Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте со крпа и оставете ги да нараснуваат околу 30 минути. Печете 20-тина минути, на 180 степени во претходно загреана рерна.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот.