Рецепт за петолебие и зошто се прави 1

Рецепт за петолебие и зошто се прави

Многу пати сме слушале, а сега се заинтересиравме да дознаеме повеќе и секако да пренесеме до вас. Па, кое е значењето на петолебието? Зошто се прави? – Веруваме дека повозрасните знаат, а за сите кои сакат да дознаат малку истражувавме и освен што го презентираме рецептот за петолебие на Бетина, на кратко објаснуваме за значењето на овие лепчиња. 

Петолебие се нарекуваат пет мали лепчиња што ги подготвуваат православните верници за в црква, особено за богослужбата во петоците на велигденските пости. Се верува дека петолебието е кратка служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот. На страницата на македонската православна црква најдовме и молитва која се кажува за време на правењето на петолебието, кое уште се нарекува и просфора или поскура, во различните краеви. Еве што велат од таму; „Просфората се прави со молитва. За време на правењето на просфората молете се со Исусовата молитва: Господи Исусе Христе помилуј нѐ, бидејќи на светата Литургија просфората ќе стане Телото на нашиот Господ Исус Христос.“

Сигурно сите сте слушнале за нафора, односно тоа е името на лепчето откако ќе е благословено од свештено лице. Повеќе за тоа може да прочитате тука, а сега се навраќаме на рецептот на Бетина Кузевски и искрено и се заблагодаруваме што ни овозможи да го споделиме со сите вас и тоа со прекрасна фотографија. Повеќе фотографии од подготовката може да погледнете на нејзината страница zgotvenosoljubov.

Рецепт за петолебие и зошто се прави 2

Состојки:

  • 750 г брашно
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажица шеќер
  • 1,5 пакетче сув квасец
  • 400-450 мл млака вода

Подготовка:

  1. Сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на водата се замесува средно и нелепливо тесто. Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите.
  2. Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте со крпа или фолија и ставете го садот во топла вода (бања) да стои 30-тина минути или додека тестото го дуплира волуменот.
  3. Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте го со фолија или крпа, и ставете го во топла вода наредните 30 минути за да нарасне. Откако ќе нарасне, поделете го тестото на 10 еднакви дела. Може и да ги мерите на вага со цел сите лепчињата да ви бидат исти. Прикажаните лепчиња имаат тежина од 120 грама.
  4. Секој дел се расукува во округла форма. По две се лепат едно на друго, при тоа едниот дел премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го другиот дел.
  5. Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора. Вака подгответе вкупно пет лепчиња.
  6. Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте со крпа и оставете ги да нараснуваат околу 30 минути. Печете 20-тина минути, на 180 степени во претходно загреана рерна.

Ви препорачуваме да прочитате: Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: