Совети за подобар сон и храна за опуштање пред спиење

Совети за подобар сон и храна за опуштање пред спиење

Се измачувате и не можете да заспиете? Некогаш тоа не е толку тешко колку што не сакаме да пристапиме кон решавање на ситуацијата. Цврстиот сон не е привилегија само на некои кои природно го имаат, на тоа може и да се поработи. Повелете прочитајте неколку решенија и совети за подобар сон, а исто така кои напитоци помагаат да се опуштите пред спиење.

Совети за подобар сон и храна за опуштање пред спиење

Чаша млако млеко не е волшебен напиток за спиење, но истражувањата покажуваат дека е најчесто поврзуваниот пијалок со „ритуалот на спиење“. Составот на млекото вклучува две супстанции за кои е познато дека влијаат и се поврзани со сонот и опуштањето, односно релаксацијата на телото, а тоа се хормонот мелатонин и аминокиселината триптофан. Количината на мелатонин во чаша млеко е многу мала, а количината на триптофан е исто така минимална. Според тоа може да се каже дека веројатноста за чаша топло или ладно млеко да ви помогне да запиете побрзо и поквалитетно има влијание, но мора да се погрижите и за другите пропратни фактори. На некој начин, идејата за употребата на топлото млеко пред спиење е корисна многу повеќе од што изгледа, а тоа е докажано од психолошки аспект. Млекото предизвикува позитивни емоции кои се будат за време на пиењето на секоја голтка, бидејќи најчесто асоцира и е поврзано со сеќавањата на топлата мајчинска љубов и грижа, домот, дружењето со братучедите и другарчињата од детството и слично, па преку сите тие убави моменти придонесува за опуштање.

Како и да е, за навистина да си помогнете да заспиете побрзо и подобро, треба да се потрудите многу повеќе, а еве неколку совети кои може да ги примените за подобар сон:

  • да научите да управувате со стресот како мноу важен фактор кој влијае на секојдневниот живот во денешните услови на живеењето,
  • да користите што помалку технологија пред спиење и да избегнувате директна светлина на сите тие уреди,
  • треба да се обидите да имате некаков распоред во спиењето кој ќе креира природен биоритам со време зашто организмот го следи својот биолошки часовник,
  • добро е да си создадете опуштена атмосфера во спалната соба со пригушени светла пред спиење или елиминирање на светлина пред и за време на спиењето,
  • пожелно е да избегнувате кофеински пијалаци, тешки оброци неколку часа пред спиење и физичка активност како фитнес вежби, аеробик и слично, затоа што телото се полни со енергија и на некој начин „се буди“, па ќе ви треба дополнително време за да заспиете цврсто.

Доколку немате интолеранција на лактоза или други алергии од слична природа, топлото млеко можете да го засладите со малку мед, по желба да додадете и ванила или цимет, а секако не заборавајте дека и останатите фактори имаат значајно влијание и за успешни резултати пробајте да поработите комплетно на сонот.

Сподели: