Речиси и да нема домаќинка која нема да потврди дека машината за садови е најголемиот помошник на жените во кујната. Во неа може да се собират многу садови и да се измијат со само еден клик, а времето кое инаку би го потрошиле за таа намена да се искористи за одмор и дружба со фамилијата. Но сепак, одредени предмети не смее да се мијат во машината за садови, бидејќи во спротивно тие може да бидат оштетени.
Доколку сакате да им го продолжите векот на траење на вашите кујнски садови и алатки, секогаш читајте ја декларацијата дали тие се погодни за машинско миење. Често пати, високата температура на водата, во комбинација со моќните детергенти се преагресивни за одредени материјали. Па, секогаш ако за нешто се двоумите дали е паметно да се стави во машина, а немате декларација тоа да го проверите, измијте го рачно. А, како помош, ние ви подготвивме мала листа со предмети кои не смее да се мијат во машина за садови. Погледнете ја и продолжете им го векот на многу садови во вашата кујна.

Садови од леано железо
Машинското миење може да го оштети или отстрани заштитниот слој на садовите и да доведе до појава на рѓа како на нив така и на машината. Затоа, ваквите садови најдобро е да се мијат рачно.
Кујнски ножеви
Поради високите температури, може да се случи со текот на времето ножевите да отупат.
Кристални садови
Средствата кои се користат за машинско миење во комбинација со високите температтури со сигурност ќе ги оштетат фините кристални садови. Затоа, најдобро е ваквите садови да ги миете рачно.
Дрвени садови и предмети
Не дека ниеден древн предмет не смее да се мие во машина за садови, но дрвените лажици, даски за сечење и ножови со дрвени рачки, држете ги подалеку од неа. Причината за тоа е многу едноставна, поради високата температура, предметите од дрво ќе го изгубат својот облик и квалитет.
Тефлонски садови
Машинското миење може да го отстрани заштитниот слој на тефлонските садови, па тие ќе станат практично неупотребливи. Доколку се случи тоа, не само што ваквите садови стануваат лепливи, туку тие се и штетни за човечкото здравје. Доколку сакате да бидите сигурни дека ваквите садови ќе ве служат со години, мијте ги рачно.
Бакарни садови
Машинското миење ќе ја уништи убавата боја на бакарните садови. Најлесен начин за да ги исчистите ваквите предмети е да ги прелиете со киселина. Оставете ја да делува 20 минути, па исплакнете ги под млаз топла вода.
Пластични садови
Голема е веројатноста некои понежни пластични садови да се истопат од жешката вода во машината, но оние од тврда пластика може слободно да се мијат во неа.
Алуминиумски садови
Овие садови секогаш мијте ги рачно, затоа што при висока температура тие може да зарѓаат, но и да ја оштетат внатрешноста на машината.
Садови со позлатени детали
Овие садови мора да се мијат рачно, бидејќи високата температура ќе го избриши убавиот позлатен слој.
Предмети со лепенка
Сите предмети кои имаат некаква лепенка како тегли и шишиња, мора да се мијат рачно. Поради високите температури лепенките ќе се одлепат и може да го затнат одводот на машината. Доколку сепак сакате овие предмети да ги миете во машина, најпрво обидете се да ги отстраните лепенките од нив.
Ви препорачуваме да прочитате: Што не смее да миете во машината за садови?