7 кујнски алатки со ограничен рок на траење 1

7 кујнски алатки со ограничен рок на траење

Ви изгледа дека вашата кујна е во совршен ред и потоа одеднаш вашиот 15  години стар блендер добива непријатен мирис на запалена пластика? Тоа се должи на фактот што многу предмети и апарати во кујната имаат одреден рок на траење и иако истите сеуште не се расипани сепак треба да се заменат. Еве кои се најчестите кујнски алатки со ограничен рок на траење и треба почесто да се менуваат.

Сите ние понекогаш забораваме кога последен пат сме купиле нов нож или нови дрвени лажици. Мислиме дека можеме да ги користиме бесконечно долго и забораваме дека истите имаат одреден рок на траење. Но понекогаш, не само што тие постануваат целосно нефункционални после неколку години  користење туку и претставуваат вистински мал расадник за штетни бактерии.

7 кујнски алатки со ограничен рок на траење 2

Садови од тефлон и тостери

Ако секојдневно се употребуваат, ваквите тави, тенџериња и плочите од тостерот неоштетени може да издржат извесно време. Затоа, најпогодно би било доколку можете да ги менувате на секои 2-3 години. Кога ќе се појават гребаници на нивната површина т.е кога тефлонот ќе почне да се лупи, а миењето ќе стане тешко, време е за купување на нови тефлонски садови. Рокот на траење може да го продолжите на неколку начини. На пример, закачете ги да висат или ставете хартиени салфетки помеѓу нив доколку ги чувате садовите еден врз друг. Исто така, доколку сакате да бидите сигурни дека ваквите садови ќе ве служат со години, мијте ги рачно.

Блендери и мелници

Идеално време за замена на стариот блендер или мелница, е тогаш кога ќе ви се скрши бокалот/садот за мелење или кога моторот ќе дојде во контакт со вода. Дотогаш, доволно е само од време на време да се заменат затапените сечила со нови и темелно да се чисти пред секоја употреба.

Експресни ѓезвиња и садови за брзо загревање на вода

Доколку загревате само вода, рокот на траење на овој тип садови ќе биде подолг. Ако пак обожавате да си правите експресно брзо сварено кафе или какао, или ви се случува да оставите ќесичка со чај, тогаш има неколку можности кои може да се причина за промена по некое време. Слободно уживајте во својот напиток приготвен во експресното ѓезве, но не заборавајте убаво да го миете и сушите после секоја употреба. Обично тие се направени од пластика или комбинација на рост фрај и пластика, но имајте предвид дека може да добие некаков мирис или да пожолти, зависно од материјалот. Оптимално време за промена е по максимално 3 години од употребата.

Дрвени лажици и останати дрвени садови

Дрвените лажици и садови треба да се менуваат на секои 3 години или секогаш кога ќе забележите дека истите се оштетиле. Напукнатите лажици претствавуваат вистински расадник за развој на опасни бактерии како што е ешерихија коли.

Може да ве интересира: Чисти дрвени лажици со 6 состојки од кујната.

Силиконски лопатки и шпатули

Силиконските лопатки треба да се менуваат на секои 2 години или кога ќе забележите дека истите имаат видни гребаници, истопени делови или пак ја промениле бојата.

Пластични даски за сечење

Пластичните даски треба да се менуваат секоја година или кога трагите од нож ќе станат видливи. Препорачливо е да ги миете рачно, а посебно ако пластиката е мека. Доколку е тврда, доаѓа во обзир да ги ставите во машина за садови без да се оштетат. Дополнителен важен факт е што, најдобро е да имате различни даски. Наместо да ги стерилизирате даските за сечење после секоја нивна употреба, можеби е поедноставно да вложите малку пари и да купите неколку даски кои ќе ги користите за посебни намирници. Потребно е да имате една даска за месо и една за зеленчук. На тој начин се намалува ризикот од вкрстена контаминација. Исто така, доколку прво сечете месо, добро измијте го ножот пред да почнете со него да го сечите зеленчукот.

Ножeви

Ножевите треба да се менуваат на секои 2 години или тогаш кога ќе забележите дека тие се скршиле, фатиле рѓа или кога повеќе и точењето не дава никаков резултат. За да им го продолжите рокот на траење точете ги еднаш седмично. Освен тоа, избегнувајте да ги миете во машината за саови, бидејќи поради високите температури може да се случи со текот на времето ножевите да отупат.

Ви препорачуваме да прочитате: 7 важни кујнски совети кои секој треба да ги знае.

Сподели: