Постојат разни рецепти, но баклава со мак и ореви е одличен избор за сочен десерт со уникатен вкус! Изборот на состојките овозможува бескрајно уживање во ароматичните сензации на орев и ситните зрнца афион, кој фантастично го надополнува вкусот на оваа баклава со мак!
Афионовото семе или мак, е одличен прилог на голем број солени и слатки јадења, често се употребува во рецепти за разни печива како состојка за декорација или лесно пополнување на вкус, како што е во нашата баклава со мак. Оревот пак е состојка со изразена јаткаста арома и омилен вкус помеѓу дегустаторите, па идеално се вклопува во вкусот.

Состојки:
- 500 гр кори за баклава
- 100 гр афионово семе (мак)
- 3 јајца
- 150 гр шеќер
- 250 гр кисело млеко
- 1 чаша (230мл) масло
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 300 гр сечкани ореви
- 100 мл минерална газирана вода.
За шербет:
- 700 гр шеќер
- 600 мл вода
- 1 ќесичка ванилин шеќер.
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Матете додека станат пенести, а потоа додајте ги маслото, киселото млеко, афионовото семе и печивото, па уште кратко матете ја смесата.
- Во намрсен плех ставете една кора, попрскајте ја со масло, па ставете уште една кора и таа попрскајте ја со масло.
- Ставете трета кора и врз неа ставете од изматената смеса.
- Нанесете од сечканите ореви. Повторете ја постапката се додека го потрошите филот и корите.
- Вака припремената баклава исечете ја на коцки и попрскајте ја со минерална вода.
- Ставете ја да се пече во претходно загреена рерна на 180 степени, додека зарумени.
- Печената баклава извадете ја од рерна и оставете убаво да се излади.
- Потоа подгответе го шербетот. Во тенџере на оган ставете ги водата и шеќерот.
- Промешајте и оставете на среден оган да врие 10 минути.
- Тргнете го тенџерето од оган и додајте ја ванилата.
- Промешајте и со топлиот шербет потурете ја баклавата. Оставете ја баклавата да отстои преку ноќ, за убаво да го впие шербетот.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска