Од тетратките на нашите баби ни доаѓа рецептот за мед од глуварче! Традиционалните „лекови“ кои се пренесуваат од генерација на генерација вреди да се зачуваат и споделуваат. Глуварчето цвета од март до октомври, а пролетта е најидеалниот период за подготовка на мед, сируп и чај од ова лековито растение.
Глуварчето изобилува со многу витамини како А, Ц, Е, Б1, Б2 и Б3. Исто така, содржи и повеќе од 30 состојки кои помагаат за исфрлање на токсините од организмот. Медот од глуварче се користи за проблеми со дигестијата на храната, против болки во желудникот и за подобрување на имунитетот. Во продолжение дознајте како да направите мед од глуварче.

Како да направите мед од глуварче?
Изборот на состојки е од клучна важност за да се искористат здравствените придобивки. Цветовите од глуварчето соберете ги од чисти ливади подалеку од патен сообраќај. За подготовката користете квалитетен природен мед.
Состојки:
- 300 г цветови од глуварче
- 1 кг мед
- 2 л вода
- 1 лимон
- 1 портокал.
Подготовка:
- Цветовите од глуварче потопете ги во ладна вода и темелно измијте ги од нечистотии и инсекти.
- Лимонот и портокалот измијте ги во вода со сода бикарбона и киселина, па исечете ги на коцки.
- Во длабок сад додајте 2 литри вода, ставете ги цветовите од глуварче, парчињата лимон и портокал. Варете на тивок оган околу 1 час.
- Течноста процедете ја низ чиста газа за да се отстранат цветовите и парчињата лимон и портокал.
- Во изладената течност додајте 1 кг мед. Добро измешајте за да се соединат медот и течноста.
- Вака подготвениот мед од глуварче складирајте го во чисти тегли со капак. Консумирајте по една лажица на ден, најдобро во утринските часови.
Ви препорачуваме да прочитате: Направете лек со мед и ореви за зајакнување на имунитетот.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран текст.