„Овие денови ви предлагам нов рецепт за лесни празнични колачи во знак на новогодишните празници. Накитете ја чинијата со вкусни мали Божиќни колачи кои личат на лампиони. Послужете ги дечињата и внесете ведрина во денот на возрасните!“ – со расположение ни кажа Катерина од нашиот тим.
Еве која е нејзината порака до сите читатели за овој рецепт: „Брзи се и непечени, тоа ги прави исклучително лесни за подготовка. Може да се каже дека за 15 минути ќе завршите со припремата и формирањето на колачите. Аромата им е прекрасна и слатка баш како што се бисквитите кои се главна состојка, а во комбинација со тиквата се вклопуваат извонредно. Рецептот го создадов како предизвик од само неколку состојки, во нова и досега неискусена комбинација. Многу ни се допадна дома, па со задоволство го споделувам со сите вас, за да може и вие да уживате во празничните денови.“

Состојки:
- 10 лажици пире од тиква
- 220 грама бисквити
- 4-5 лажици млеко
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 2 рамни лажици шеќер
- малку шеќер во прав по желба за сервирање.
Подготовка:
- Најпрво ставете ја тиквата да се вари, па исцедете ја. Варената тиква испасирајте ја. Доколку претходно сте направиле пире од тиква, само измерете ја потребната количина која е соодветна за вкусните празнични колачи.
- Измелете ги бисквитите или доколку немате машинче кое ќе ви користи за мелење, ставете ги во најлонска ќеса и пресувајте ги со помош на пошироко сукало.
- Во чист сад ставете ги прво измелените бисквити, па додајте ги шеќерот и ванилиниот шеќер. Измешајте ја сувата смеса.
- Потоа, дојдајте ги пирето од тиква и млекото.
- Убаво измешајте ги состојките, а најдобро измесете ја смесата со рака. Смесата поделете ја на два дела.
- Од едната половина обликувајте кора и со помош на калапи исечете ѕвезди. Доколку имате проблем при формирањето на ѕвездите, препорачуваме претходно припремената кора да ја ставите во замрзнувач за време од 10 минути.
- Од втората половина направете топчиња.
- По желба при сервирањето декорирајте со малку шеќер во прав.
Толку е лесно и брзо, ќе имате супер колачиња! Ви посакуваме среќни празници и нова година полна со прекрасни моменти како што се овие колачиња!
Препорака од авторот:
Ако го направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Божиќни колачи со портокал и рум.