Вкус кој инспирира! Може да ги јадете во комбинација со кафе, а во секој случај овие божиќни колачи со портокал и рум слободно може да се наречат и чајни колачи бидејќи одлично би го надополниле уживањето во шолја топол чај.
Рецептот за овие колачи е креиран за да биде таков што ќе ги усреќи сите кои ќе го пробаат. Превкусните божиќни колачи со портокал и рум доаѓаат директно од нашата кујна, а ги направивме со посебна љубов за вас. Нека се за многу години празниците. Уживајте во нив и во сите убави моменти со семејството.

Состојки:
- 400-500 гр брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 100 гр маргарин или путер
- 200 гр шеќер
- 1 јајце
- кора и цеден сок од 1 портокал
- 1/2 лажица рум.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете го поголемиот дел од брашното, а потоа додајте ги прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и шеќерот.
- Путерот или маргаринот е најдобро претходно да стои малку на собна температура за да е мек и лесен за месење. Додајте го и него во садот со брашното .
- Потоа додајте го јајцето.
- Портокалот убаво измијте го и изрендајте ја неговата кора, така што да не го рендате белиот слој кој би можел да му даде горчлив вкус на колачите. Потоа исцедете го сокот од портокалот и во него додајте го румот исто така додадете го во садот со останатите состојки.
- Измесете убаво компактно тесто. Предлагаме брашното при крајот да го додавате по помалку за да не ви биде претврдо тестото, а да биде доволно поврзано за да може да направите кора и да формирате колачи. Формите на колачите може да ги правите со калапи по желба, а дебелината на кората треба да биде нешто пониска од 1 см.
- Печете во загреена рерна на 180 степени додека колачите добијат убава златна боја.
На здравје!