Ви се најавиле гости, а немате многу време и желба за спремање на торта? Потребни ви се само 5 минути за да го приготвите чоколадното изненадување. Еве еден лесен рецепт за брза непечена чоколадна торта со бисквити и крем банани кој го направивме во нашата кујна.
Токму така се креира овој рецепт. Ни се најавија гости за кои знаеме дека обожаваат чоколадна торта, а времето за подготовка ни беше многу мало. Во најблискиот маркет ги набавивме намирниците и започнавме со приготвување. Само за 5 минути ги искршивме бисквитите, го растопивме чоколадото и ја ставивме тортата во замрзнувач за да се стегне. Направивме вкусна, крцкава чоколадна торта, која им се допадна на сите.

Состојки:
- 200 грама бисквити
- 200 грама чоколадо за готвење
- 5 крем банани
- 1 лажица екстракт од ванила
- 100 мл млеко.
Подготовка:
- Бисквитите искршете ги со раце или исечкајте ги.
- Крем бананите исечкајте ги на мали коцки.
- Во тенџере на оган на ниска температура ставете го млекото и додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте со лажица за да се растопи чоколадото. Потоа, додајте го екстрактот од ванила и измешајте.
- Штом чоколадото се растопи, тенџерето тргнете го од оган.
- Во растопеното чоколадо додајте ги кршените бисквити и крем бананите. Измешајте убаво.
- Во калап или пластичен правоаголен сад ставете најлонска фолија. Во калапот додајте ја смесата од бисквитите и чоколадото. Убаво израмнете со лажица. Врз тортата ставете најлонска фолија и со рацете добро притиснете. Калапот затворете го со капак и ставете го во замрзнувач.
- Оставете ја тортата за време од 1 до 2 часа додека се стегне. Изладената непечена чоколадна торта исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Непечена торта со ресани и крем банани.