Кога е сезоната на цреши, едноставно е недозволиво да не ја искористиме и да зачуваме нешто за подоцна! А, како ли може подобро од ова?! Можете да направите од црвени, а сега избравме да предложиме десертно слатко од бели цреши. Треба да се проба!
Рецептот го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана, а ако сакате да пробате нешто покласично, ви препорачуваме да го прочитате рецептот за слатко од црвени цреши.

Состојки:
- 1 кг бели цреши (исчистени од коските)
- 600 гр шеќер
- 1 помал лимон исечен на кругови
- 2-3 стапчиња ванила по желба.
Подготовка:
- Црешите измијте ги и раздвојте ги од дршките, па извадете им ги коските.
- Така исчистени, ставете ги во длабока шерпа и посипете ги со шеќерот. Оставете да стојат најмалку 3-4 часа, а може и подолго, важно е да пуштат сок.
- Ставете го слаткото да се вари на силна температура, а потоа намалете ја и варете го уште 30-40 минути. Повремено промешувајте или едноставно затресувајте ја шерпата.
- Отприлика на половина варење додајте ги кришките лимон и стапчињата ванила.
- Кога сирупот се згуснал и наликува на редок мед, а овошјето е скоро проѕирно, слаткото е готово. Со помош на лажица внимателно отстранете ја пената која се насобрала на површината за време на варењето.
- Шерпата покријте ја со влажна крпа и оставете ја да стои додека потполно се излади.
- Складирајте го во чисти и суви тегли, а во секоја ставете од круговите лимон. Добро затворете и чувајте на ладно и суво место додека го употребите.
Ви препорачуваме да прочитате: Сочни мафини со слатко од цреши.