Понекогаш за да се создаде уметност потребно e многу малку. Всушност сѐ што ви е потребно е креативност, фантазија, слободно време, стари непотребни предмети, малку лепило и боја. Ви претставуваме една техника со чија помош може да создадете вистински уметнички ремек дела и повторно да им го вратите животот на бескорисните предмети. Препуштете се на вашата фантазија и направете декоративно шише кое ќе го краси вашиот дом!
Наместо шише може да искористите тегла или некој друг стаклен предмет. Процесот на изработка е повеќе од едноставен и истиот е прикажан на следново видео. На вас останува само да ги следите чекорите кои детално се прикажани во видеото и да направите вистинско уметничко дело.
Потребни материјали:
- стаклено шише со тапа
- салфетки
- лепило
- голема четка
- молив
- леќа
- ножици
- влажна памучна крпа
- црна акрилна боја
- сребрена акрилна боја
- четка за сликање
- акрилен лак.
Начин на изработка:
- Салфетката искинете на неколку помали парчиња и благо стуткајте ја.
- Потоа, залепете ги парчињата салфетка врз шишето така што од лепилото ќе нанесувате врз салфетката со четка.
- Врз вака обложеното шише со молив нацртајте некоја фигура по ваша желба.
- Потоа, нацртаната фигура обложете ја со лепило и залепете ја со зрна леќа.
- Со помош на ножица, една подебела салфетка исечете ја на ленти со ширина од 2 см.
- Секоја од лентите натопете ја врз влажна памучна крпа и со помош на прсти обликувајте ја во вид на конец.
- Вака подготвената салфетка залепете ја со лепило помеѓу секој ред леќа. Постапката повторувајте ја додека ја добиете посакуваната фигура.
- Тапата на шишето премачкате ја со лепило и излепете ја со зрна леќа, исто така. Оставете ја кратко да се исуши, па затворете го шишето со неа.
- Потоа, врз украсеното шише со помош на подебела четка нанесете црна акрилна боја.
- Врз црната боја со помала четка за сликање внимателно нанесете сребрена акрилна боја, притоа внимавајте да не ја прекриете целосно црната боја.
- Оставете го шишето да се исуши, па излакирајте го со акрилен лак. Тоа е целата постапка и вашето декоративно шише е спремно да ви го краси домот.

Ви препорачуваме да прочитате: Декоративен украс од пластично шише.