Бургери со плескавици од црвена леќа

Посни бургери со плескавици од црвена леќа

Размрдајте го неделното мени со бургери во кои месото ќе го замените со смеса од леќа. Интересна, лесна и вкусна комбинација на состојки која сигурно ќе им се допадне и на децата. Рецептот за посни бургери со плескавици од црвена леќа ни го испрати нашата пријателка Викторија Спенџарска (vegan_viki_), а ние со задоволство го споделуваме со вас.

Црвената леќа е еден од најдобрите извори на растителни протеини и растителни влакна, а тоа ја прави важна намирница која треба да биде застапена во вашата исхрана, а особено се препорачува за вегетаријанци и вегани. Леќата може да се додаде во разни свежи салати, во супи или чорби од зеленчук, а ние ви предлагаме да направите посни бургери со плескавици од црвена леќа. Искомбинирајте ги со свежа салата по ваш избор и уживајте.

Бургери со плескавици од црвена леќа

Состојки:

  • 200 г црвена леќа
  • 1 мала главица кромид
  • 1 чешне лук
  • 1 морков
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 лажици овесно брашно (мелени овесни снегулки)
  • зачини по желба (хималајска сол, кари, сушен магдонос, оригано).

Подготовка:

  1. Леќата ставете ја во сад и сварете ја (околу 15 минути). Потоа, исцедете ја.
  2. Ставете ја во блендер заедно со останатите состојки и изблендирајте ги.
  3. Од добиената смеса формирајте плескавици со големина по ваша желба.
  4. Плескавиците редете ги во тава и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20-25 минути.
  5. Готовите плескавици сервирајте ги во лепчиња за бургери и послужете ги. На здравје!

Совет плус од авторот:

  • По желба, плескавиците може и да ги испржите, но во тој случај додајте уште 1 лажица мелени овесни снегулки за да не ви се распаднат при пржењето.

Автор на рецептот: Викторија Спенџарска (vegan_viki_).

Ви препорачуваме да прочитате: Салата со леќа, сирење и маслинки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: